Исландските медиуми му нудат нов голман на Вардар

Иако голманската тројка во редовите на Вардар е веќе позната и таа треба да биде Милиќ-Милосављев-Ѓорѓески, медиумите од Исланд сметаат дека репрезентативец на оваа земја би требало да биде наследникот на Арпад Штербик во редовите на „црвено-црните“.

Според порталот visir.is голманот Арон Рафн Едвардсон би можел да се најде во ростерот на минатогодишниот Европски првак. Тие вчера објавија информација во која се вели дека од Вардар бил покажан интерес за Едвардсон и дека размислуваат за негов ангажман бидејќи се работи за голман кој е слободен агент.

Сепак, на адреса на репрезентативецот на Исланд има понуди од екипите од Германија и од Австрија, но и од домашното првенство. Се работи за голман висок 205 сантиметри и има 28 години, кој во својата кариера има настапувано за тимовите на Хаукар (Исланд), Екилстуна Гуиф (Шведска), Алборг (Данска), Битигхајм (Германија) и ИБВ Вестманајер (Исланд).

Исланѓаните му даваат предност на Вардар поради фактот што е тим со најголемо име од сите други кои веќе доставиле понуди до ракометарот. Од Вардар нема понуда, но биле побарани дополнителни информации за да се утврди за квалитетот на голманот и за тоа дали одговара со својот профил на играта на Вардар.

Засега не се откриваат екипите од Германија и од Австрија, но останува да се види и дали Вардар навистина ќе има потреба за уште еден голман со оглед на тоа што веќе има тројца голмани во својот ростер за следната сезона.