Интервју со младиот пивот Сенад Бајрамоски: Струга има светла иднина

Струга во минатите неколку децении е расадник на млади и талентирани ракометари. Градот е горд на своите ракометни репрезентативци и репрезентативки, успешни тренери, интернационален турнир со традиција и ракометна школа која избруисла бројни млади таленти. Од година во година ракометниот клуб Струга го менува својот лик, а младите и надежни таленти својата ракометна приказна најчесто ја продолжуваат во големите ракометни центри, но традицијата и квaлитетот на струшката школа секогаш создава нови бисери на македонскиот ракомет.

Оваа сезона еден од најдобрите дефанзивни ракометари во првата лига и предводникот на кадетскиот тим на Струга, Сенад Бајрамоски остави белег во македонскиот ракомет. Младиот пивот со своите 17 години  е еден од стандардните првотимци на македонскиот прволигаш, а оваа година на Фајнл Фор турнирот во кадетско првенство беше избран за најкорисен играч.

Раскажете ни повеќе за вашите почетоци?

Започнав да тренирам ракомет кога имав 9 години. Мој прв клуб беше ракометниот клуб Струга, а првите чекори ги направив со тренерот Жарко Феруковски. Најголеми виновници да се впуштам во ракометната игра беа моите другари кои веќе тренираа ракомет, а јас само присуствував на нивни тренинзи. Од ден на ден почнав сè повеќе да се интересирам за ракометот и тоа разбуди огромна желба во мене да почнам да тренирам. Мојата градба ми дозволува да играм на пикерската позиција. Уште на самиот почеток кога гледав ракомет најмногу внимание му посветував на пикерот и неговата улога во ракометот најмногу ме привлекуваше.

Вашиот роден град Струга отсекогаш претставувал расадник на добри ракометари и ракометари. Зошто е тоа така?

Ракометот е традиција во Струга, тоа е спорт кој се негува со години и зад себе оставил голем број на врвни ракометари кои своето знаење и искуство го пренесуваат на младите генерации како нас, сè со цел и ние еден ден да станиме професионални ракометари.

Што е потребно за една млад играч да се развие во квалитетен ракометар освен тоа да поседува талент?

Освен талент, потребна е желба уште од самиот старт, потоа мотивација, упорост и истрајност, голема посветеност на тренинзите,  да се игра со љубов и секогаш да се даде максимум, само на тој начин може да се успее.

Што мислите за ракометот што се игра на македонско тло?

Во Македонија се игра модерен ракомет, но кога би имало уште неколку поконкуретни клубови би било уште подобро, младите таленти би останале да играат во Македонија и со самото тоа би го издигнале ракометот на повисоко ниво. Македонската Суперлига се развива сè повеќе и повеќе, влегуваат екипи со поголеми финансии, странски играчи, сето тоа придонесува за поголем квалитет. Во дел од екипите има млади играчи, а тоа е добро за иднината на ракометот.

Работата со младинските категории зависи пред сè од клубот и од тренерот, но сметам дека треба многу повеќе да се вложува во младинските категории. Сметам дека Македонија поседува добар тренерски кадар бидејќи голем дел од тренерите се поранешни и врвни ракометари од кој може многу да се научи.

Освен за младинските категории настапувате и во РК Струга, клуб кој се натпреварува во Првата лига, кои се амбициите на клубот?

Пред сè нашиот тим се состои од млади играчи, но секој натпревар се игра за победа. Клубот има за цел во наредниот период да изгради добри играчи, да постави темели на кои ќе може да изгради поголеми резултати. Амбиции на управата на клубот се насочени кон пласман во македонската Суперлига.

Кој е најдобриот совет што досега сте го добиле и од кого?

“БИДИ УПОРЕН И ИГРАЈ СО СРЦЕ”-ова е најдобриот совет што го добив од страна на моите родители.

Бевте избран за најдобар ракометар на завршниот турнир во кадетска лига, сепак не сте дел од кадетската репрезентација. Дали сметате дека селекторите обрнуваат доволно внимание и на останатите ракометни центри?

Искрено не. Мене би ми било чест да сум дел од националниот тим, но тоа е работа на тренерите, селекторите и стручниот штаб.

Многумина млади таленти заминуваат во Вардар и Металург. Дали таму е иднината на квалитетните македонски ракометари?

Се разбира дека Вардар и Металург имаат доста квалитетни ракометари, но ракометот е проширен низ цела Македонија и во секој град има врвни ракометари кои заслужуваат шанса да го покажат својот квалитет и да се дел од ракометната иднина на Македонија. Мислам дека најбитна е желбата, вложениот труд и посветеноста на тренинзите.

Кој е вашиот омилен клуб? Некој за кога вистински навивате…

Пред сè навивам за повисоки достигнувања на мојот клуб, но секако дека фаворизирам и други клубови како што се Вардар и Барселона. Мојот идол е Бјарте Мирхол пикерот и воедно капитенот на норвешката репрезентација.

Каде се гледате за три години?

Три години се долг период за непредвидлива кариера каква што е ракометната, но како секој од нас си имам поставено цел да бидам играч за еден од врвните ракометни клубови на ниво на Македонија како што се Вардар или Металург, каде со мојата амбиција би се истакнал како квалитетен ракометар.