Затаи нападот на Вардар, на одмор со минус седум против Барселона

Ракометарите на Вардар имаат негативен резултат после првите 30 минути против Барселона во второто полуфинале. Иако 20 минути резултатот беше неизвесен за само пет минути Барселона стигна до висока предност и на одмор замина со водство од 16:9

Од почетокот на средбата имаше мало изненадување кога е во прашање играта во напад. Роберто Гарсија Парондо одлучи да тргне во мечот со седуммина во напад, но брзо се виде дека ќе мора да менува. Не беше проблемот во реализацијата туку во хаосот кој се случува веднаш откако ќе биде постигнат гол, па Барселона многу брзо тргнува од центар и се префрла на другата половина.

Оттаму имаше неколку брзи погодоци, па затоа после само пет минути продолжија 6 на 6 и тука следуваше надигрување. Вардар успеваше да израмнува, но до 4:4. Барселона постојано беше барем во гол позитива, а откако стигна до 7:4 беше потешко да се игра. Иако одново се дојде на гол негатива, сепак, после 7:6 Каталонците добија поддршка од голманот Перез де Варгас кој влезе во серија и беше креаторот на предноста.

Барселона од 10:8 во 24. минута веќе имаше 14:8 и затоа Парондо мораше да потроши два тајм-аути во кратко време. Советуваше да се игра потрпеливо во напад и да се оди со акциите до крај, но ракометарите како да сакаат пребрзо да завршуваат. Милосављев бранеше и понатаму добро, но она што беше добро во одбраната не беше и во нападот, па оттаму и беше високата негатива.

Највисоките седум погодоци беа постигнати пред заминување на одмор кога Барселона стигна до 16:9 и тоа благодарение на грешките во нападот на Вардар.

Инаку, најефикасен после првото полувреме беше Гомез Абељо со пет гола, додека во Вардар Кристопанс имаше три гола, а Карачиќ два. По еден постигнаа Мораеш, Скубе, Чупиќ и Шишкарев.