Во натпревар кој треба што побрзо да се заборави македонските ракометари остварија друга последователна победа на европскиот шампионат во Хрватска против селекцијата на Црна Гора.
Бодовите пред овој натпревар за македонскиот состав значеа пласман во втората фаза од првенството, а евентуален пораз сосема поразлична атмосфера пред завршниот дуелот против репрезентацијата на Германија во групната фаза. Евентуален пораз од Црна Гора, и негативен исход од дуелот со Германците би го довеле во прашање опстанокот на нашиот тим на шампионатот.
Големата победа над Словенија создаде еуфорично расположение на нацијата. Се очекуваше уште еден убедлив триумф, меѓутоа се случија сосема спротивните работи на теренот каде селекцијата на Црна Гора, инаку аутсајдер на цело првенство, се покажа како цврст и конкретен противник.
Меѓутоа, натпреварот против репрезентацијата на Словенија го зема данокот во психолошка, емотивна и физичката смисла. Тоа се гледаше од самиот почеток.
Првото полувреме помина во резултатската нишалка која заврши со негатива од еден гол. Она што го обележа тој период од играта е порозната одбрана на македонскиот тим без соодветната помош на голманите. Одбраната беше широка и во поголем дел без причина длабоко поставена им даде можност на Црногорците лесно да се справуват со истата.
Замислата повредениот Филип Миркуловски да се одмори и да му се евентуално не влоши здравствената состојба бргу беа ставени на страна со неговото влегување во игра. И во првиот и во вториот дел од натпреварот тој даде голем придонес за победата.
Она што можеше да се претпостави пред овој натпревар е тоа дека противникот ќе игра некоја комбинирана одбрана во одреден дел од натпреварот и ќе го изолира капитенот Кирил Лазаров. Како да немаше соодветно тактичко решение за таков пристап на противникот.
Второто полувреме донесе нова свежина со влегувањето на Филип Кузмановски во игра. Се крена нивото на подвижноста во одбранбената формација, а неговите индивидуални пробиви и реализацијата беа од големо психолошко значење за тимот. Тој е играч којшто воедно направи и резултатски пресврт и даде сосема поинаков тек на натпреварот.
Се чинеше дека четири гола предност ќе бидат доволни за мирна завршница. Црногорците не дозволија да биде така. Тука искуството на Филип Миркуловски и Филип Лазаров дојдоа во преден план, кога е во прашање играта во нападот во тој дел од средбата.
Кога ја анализираме одбраната, во овој контактен спорт, таа како да немаше својата потребна цврстина и густина во сите шеесет минути. Она што вечерва беше проблем е игра на третиот и четвртиот играч во таа зонска формација како во второто полувреме на натпреварот против Словенија. Можеби треба да се размисли за вклучување на Велко Маркоски во составот…
Од друга страна Црногорците, во поголем дел од натпреварот, играа трпеливо и доста дисциплинирано во нападот особено кога беа со ракометар повеќе во поле. Тука, од тактичката гледна точка, кога поголем дел од тие напади завршуваа со проигрување на пикер, имаше простор да се смени нешто во тактиката на игра на четвртиот одбранбен играч.
Впечаток кој генерално го остави овој натпревар е одреден ниво на конфузија која кулминираше по последниот тајм-аут кога во игра влеговме со играч повеќе во поле отколку што требаше.
Се на се, бодовите се тие кои се пишуват, а натпреварот ќе се заборави со првиот следен противник.
На ред е Германија!


