Раул Гонзалез е човекот кој скромно пристигна на кормилото на РК Вардар, и за многу кратко време стана миленик на сите навивачи на Вардар и репрезентацијата на Македонија. За тренерските квалитети на “Ел Команданте” не треба да се трошат зборови, но следново видео е доказ дека Раул Гонзалес одлично се снаоѓаше и на ракометните терени. Целата своја кариера беше лојален на ракометниот клуб Ваљадолид чии бои ги бранеше од 1987 до 2005 година. Во клубот на својот роден град, Раул има постигнато многу атрактивни погодоци, а еден од нив може да се забележи на видеото подоле. Станува збор за натпревар од Купот на кралот помеѓу Ваљадолид и Барселона во сезоната 1999/2000. Тоа беа години кога според многумина Барселона го имаше еден од најдобрите тимови на сите времиња во светот на ракометот. Имињата на Урдангарин, Шварцер, Чавар, Лозано, Баруфет, Ортега, Шчепкин се само потврда на претходната констатација.
Токму против легендарниот Давид Баруфет на голот, Раул Гонзалес успеа да изведе луциден потег и да постигне погодок кој важи за еден од поубавите во неговата кариера. Ваљадолид успеа да одбрани еден од налетите на Барселона, а топката стигна во рацете на Раул. Логиката велеше Гонзалес да го проигра својот соиграч на лево крило, но искусниот Баруфет беше на прагот да го прочита тој потег напуштајќи го својот гол во обид да ја пресече акцијата. Тука се виде луцидноста на актуелниот тренер на Вардар, кој во дел од секундата ја промени својата одлука и се реши од повеќе од половина терен да шутира во небранетиот гол на Барселона. Епилогот е јасен. Прекрасен потег и погодок против еден од најдобрите ракометни голмани на сите времиња.


