Тимот на Охрид славеше во дерби натпреварот од шестото коло во Суперлигата против големиот ривал Струга со 26-23. Гостинските ракометари го диктираа темпото во првиот дел, даваа силен отпор и во второто полувреме, но паднаа во последните десетина минути и охриѓани знаеја како да го искористат тоа.
Стружани поведоа со 0-2 преку Дикаминџија и Петровски, а гостите по десетина минути имаа и највисоки +3, 3-6, па домашниот стратег Горан Андоновски мораше да реагира и да побара минута одмор. Гостинските навивачи во овие моменти фрлија патка на теренот, која е нивен симбол, но набрзина таа беше отстранета и вратена на трибините. Тоа сепак им одеше во корист на домашните ракометари.
Десното крило Блажески и Георгиевски намалија на 5-6, но гостинскиот голман Стојаноски потоа го запре ударот на домаќините за израмнување. Сепак потоа погоди стружанецот во редовите на Охрид – Блажески, а реализираше и Тасески за 7-7. Но пак имаше пад во играта на охриѓани, па Струга носена од одличниот Стојаноски, кој запре неколку удари се одлепи на 8-11. Охрид играше во бранови, успеа да стигне до 11-11, а до крајот на полувремето се играше гол за гол, 13-13.
На стартот на вториот дел беше 13-15, но грешеа гостите во следните напади, па Охрид за првпат со серијата од три голови, поведе со 16-15 во 38. минута. Струга израмни преку Петровски на 16-16, а во следните неколку минути се играше гол за гол. Во 45. минута Охрид остана без Иван Тасески, кој по третото исклучување заработи црвен картон, а по реализацијата на Кузманоски од пенал беше 18-18 и се навестуваше неизвеност до самиот крај на дербито.
По 19-19, домашниот тим остана без уште еден играч. Трето исклучување доби и Дарко Георгиевски, па мораше да се пресели на трибините и Охрид мораше со скратена ротација да брка победа. Домашниот голман Мартин Јовановски фати една топка, а неговите соиграчи реализираа во нападот и првпат Охрид водеше со два гола, 22-20 во 53. минута. Кузманоски стрелаше од пенал за 22-21, а потоа голманот Стојаноски одбрани пенал и му даде можност на неговиот тим за реми, но Цителишвили згреши.
Уште еден стружанец во Охрид – Дарио Симоноски даде убав гол за 24-22 на четири минути до крајот. Гостите погрешија во следниот напад и покрај тајм-аутот на Андон Бошковски, а искусниот Димитријески од пенал на минута и пол погоди за 25-22 и го реши победникот. До крајот имаше уште по еден гол на двете страни за конечни 26-23 и големото славје на охриѓани можеше да започне. Најдобри стрелци кај победникот беа Блажески и Георгиевски со по шест голови, а четири даде Везенковски, додека кај Струга осум даде Петровски, додека шест пати погоди Кузманоски.


