Ракометарот на Спортинг Лисабон, Невен Стјепановиќ, би требало да биде ново засилување за македонскиот претставник во Купот на ЕХФ, Еурофарм Работник. Битолчани беа растрчани по засилувања за настапот на европска сцена и досега ги обезбедија левиот бек Владислав Остроушко и десното крило Мирко Радовиќ.
Сепак, тренерот Ѓорѓе Чирковиќ посакува уште еден бек во ростерот, а изборот падна на босанскиот репрезентативец Стјепановиќ. Тој уште летоска беше во комбинација да дојде во Битола, но финансиските услови беа проблем, а сега веројатно разликите во барањата се израмнети и нема пречки за трансферот, бидејќи и португалските медиуми го најавија заминувањето од Лисабон.
Станува збор за ракометар со одлични физички предиспозиции, висок 199 цм, а тежок 91 кг. Тој ќе му биде конкуренција на искусниот Михаил Петровски на десната бековска позиција. Стјепановиќ играше за Спортинг во двете средби против Металург во групната фаза од Лигата на шампионите, но не постигна ниту еден гол.
Десниот бек потекнува од Локомотива Брчко, играше за Железничар Ниш, беше дел од Војводина три сезони, пред да замине во Духаил од Катар. Своевремено беше дел од кадетската селекција на Босна и Херцеговина, но потоа играше за младинската селекција на Катар на младинското СП во 2013 година. Сепак, во сениорска конкуренција повторно го облече дресот на Босна и Херцеговина.
Еурофарм Работник покрај настапите во ЕХФ Купот против бундеслигашот Хановер, унгарската Татабања и сехалигашот Нексе Нашице, го чекаат и дуелите во Купот на Македонија, како и средбите од разигрувањето за титулата во Суперлигата.


