Дали Жарко Марковиќ ќе му се придружи на Лацковиќ во Вардар?

На последниот натпревар во Бундеслигата, кој екипата на Хамбург го одигра во „Спортхале“  против екипата на Емерстад, пред домашната публика од дресот на Хамбург се простија четири ракометари.

Единствено енигма остана каде ќе ја продолжи својата кариера бившиот црногорски репрезентативец Жарко Марковиќ. Тој го напушта Хамбург по една одиграна сезона, а како нова дестинација се шпекулира со името на Вардар од Скопје, каде неговиот клубски колега Блаженко Лaцковиќ ќе ја продолжи својата кариера. Марковиќ го посети Скопје по одигрување на четвртфиналните натпревари во Лигата на шампионите, но за деталите на неговата посета или оклу евентуален договор официјална потврда нема ниту од двете страни.

Би сакал да им се заблагодарам на поддржувачите на Хамбург и на екипата. Отсекогаш сум сонувал да играм за HSV Хамбург. Денес не е значаен само натпреварот, туку страста на сите оние кои се вклучени во клубот.

изјави Марковиќ на простувањето со екипата пред полната спортска сала во Хамбург.

Данскиот репрезентативец Маркус Клеверли заминува назад во Данска, каде ќе продолжи да брани за КИФ Колдинг Копенхаген додека најдобриот ракометар за 2013, Домагој Дувњак по пет одиграни сезони заминува во германскиот шампион Кил, а пред полната арена изјави:

Ова не е лесно. Да играм тука пред оваа публика беше како прекрасен сон за мене. Едно е сигурно, Хамбург и ХСВ засекогаш ќе останат во моето срце. Би сакал да се заблагодарам на мојот тим и соиграчите. Би сакал да му се заблагодарам на Мартин Швалб и на Андреас Рудолф. Им благодарам на пријателите, на вас публиката, најдоби сте. Ви благодарам за петте прекрасни сезони.

Прашањето околу транферот на Марковиќ треба да биде појасно во наредните недели, дотогаш Хамбург останува да се бори со докажување на ликвидноста на клубот и обезбедување на лиценца за наредната Бундеслига сезона.