Екипата на Екс ен Прованс официјално има ново засилување. Станува збор за искусниот ракометар на Нант и репрезентацијата на Франција, Николас Клер.
Францускиот среден бек, во Екс ќе пристигне на стартот на следната сезона, и ќе остане таму во следните три години. За својот нов предизвик, се огласи самиот играч и истакна дека е мноу среќен што ќе започне нова авантура.
„Многу сум среќен што ќе бидам дел од Екс ен Прованс и со нетрпение го очекувам стартот на новата авантура. Со голем труд се надевам дека ќе му помогнам на тимот да го достигне највисокото можно ниво“, изјави Клер за официјалинот веб-сајт на Екс.
Дека станува збор за квалитетен и искусен ракометар говори тоа што само пред еден месец ја помина границата од 1000 постигнати голови во најсилната лига на Франција. За репрезентацијата досега собра 37 настапи, а дебито го имаше на квалификациите за ЕП 2016 против Македонија.
Претходно Екс го донесе и Вид Кавтичник, а со новиот потег очигледно сака да ја врати славата од времето кога браќата Карабатиќ играа за оваа екипа и беа конкурентни за врвот во Франција.


