Вардар ја освои СЕХА!

Вардар е освојувачот на Сеха лигата за сезоната 2013-2014. Ова беше втора титула во третото Сеха финале за Вардар со што уште еднаш ја потврди својата доминација во оваа лига. Иако пред најважниот натпревар во историјата на клубот, двомечот со германски Фленсбург кој е на програмата наредната недела, црвено-црните собраа инспирација на триумфален начин да го заокружат престојот во Нови Сад. По прекрасната победа во полуфиналето над Хрватскиот шампион Загреб, во финалето Вардар се соочи со Белорускиот Брест Мешков.Тимот кој по банкротот на својот најголем ривал Динамо Минск уште повеќе се засили и дојде со голем мотив и желба за прв пат да биде победник на Сеха лигата.
1960778_450664471702965_281481600129448337_oБрест одлично го започна натпреварот и имаше почетно водство од 3-0. Вардарци како со мислите да беа на натпреварот со Фленсбург и правеа премногу невообичаени грешки кои противникот знаеше како да ги казни. Но како што поминуваше првото полувреме момците на Раул Гонзалес полека се враќаа во игра за во 25 минута Игор Карачиќ да израмни на 12-12. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, по што Рутенка во последната минута да ги постави конечните 14-15 на полувреме за Белорускиот тим.
1493539_450664571702955_7068829028307289797_oВо почетните десетина минути од второто полувреме се играше израмнето, по што следуваше период од 7 минути ( од 40 до 47 мин) во кои Вардар со головите на Карачиќ, Прибак, Дибиров и Душебаев успева да го направи првото поголемо водство за 24-20 во 47 минута, што се покажа како решавачко на ова финале. Црвено-црните во манир на искусен тим постојано ја одржуваа разликата помеѓу 3 и 4 голови разлика, а во 56 минута маестралниот Дибиров зголеми на највисоки 29-24. Вардар веќе започна да ја слави втората титула, момент што го искористи Брест да се избори за минимален пораз од 29-27.


Вардар – Мешков Брест 29:27 (14:15)

Вардар: Малумбрес (10 одбрани), Милиќ, Ангелов, Козлина, Прибак 3, Тоскиќ 2, Раковиќ, Петриќ 1, Марковиќ, Карачиќ 4, Душебаев 4, Абутовиќ, Лазаров 1, Дибиров 11, Брумен 2, Чипурин 1.

Тренер: Раул Гонзалес

Мешков Брест: Пешиќ (6 одбрани), Чарапенка (3 одбрани), Малиновиќ, Бабичев 3, Маркотиќ 2, Камшјук 2, Шпилер 2, Николенкау 1, Стојковиќ 6, Вукиќ 3, Баранау, Карачиќ, Рутенка 7, Татрин, Сршен 1, Шиловиќ.

Тренер: Жељко Бабиќ

Седмерци: Вардар 3/2 ; Мешков Брест 4/4

Исклучувања: Вардар 4 минути ; Мешков Брест 8 минути