Вардар пазари во Автокоманда: Македонски репрезентативец пред потпис со европскиот првак!

Лево крило на тимот на Металург, Димитар Димитриоски, за следната сезона e многу блиску да го облече дресот на актуелниот европски шампион Вардар. Во наредниот период се очекува двете страни да ги договорат деталите околу трансферот на младиот македонски ракометар во „црвено-црното“ семејство.  Тој ќе му биде поддршка на Тимур Дибиров на левата крилна позиција за наредната сезона.

Димитриоски потекнува од Прилеп, а ракометната и спортската јавност го запозна низ настапите за Металург Јуниор и Металург. Веќе три сезони е член на првиот состав од Автокоманда, зад себе има запишано бројни натпревари од СЕХА лигата и Лигата на шампионите.

Тој е сениорски репрезентативец, повредата го спречи да дебитира на Мундијалот во Германија и Данска, но затоа настапи на последните две средби од квалификациите за Европското првенство против Турција и Грција.

Димитар Димитриоски ќе биде првото засилување за Вардар од Македонија. Иако започнаа преговори со низа ракометари, засега од „црвено-црниот“ табор нема официјална потврда за новите ракометари кои треба да ја бранат титулата во Лигата на шампионите.