Вардар најде замена за Штербик: „Катарецот“ Даниел Шариќ ќе го облече „црвено-црниот“ дрес?

Заминувањето на Арпад Штербик остава голема празнина на голот на Вардар иако Страхиња Милиќ и Даниел Ѓорѓески покажаа дека можат да одработат добро во текот на оваа сезона. Со оглед на тоа што изборот на голмани е мал, во моментов се чини најреална варијанта за голот е Даниел Шариќ, голман кој иако веќе има полни 40 години брани неверојатно.

Неговото име сѐ почесто се споменува како можна замена за Штербик. Шариќ е голман кој има освоено сè што може да се освои во дрес на тим кој доаѓа од Шпанија. Со Барселона од 2009 до 2015 година победуваше насекаде. Двапати стана шампион на Лигата на шампионите, по четирипати во Асобал лигата, во Купот на Асобал и во шпанскиот Супер куп. Има и две круни во Купот на Шпанија.

Се работи за искусен голман кој уште брани на неверојатно ниво, а кога тој ќе влезе во серија тогаш е навистина тешко некој да го совлада и брани речиси на истото ниво коешто сезонава го демонстрира и Арпад Штербик.

Тоа што следното лето на 27 јули ќе наполни 41 година нема да биде никаква пречка со оглед на тоа што се работи за голман кој е во одлична форма и е одлично подготвен. Тој може да одговори на предизвикот така што сигурно би бил добро засилување за Вардар во следната сезона, а тоа ќе им остави простор на „црвено-црните“ за да успеат да најдат голман кој би застанал на голот за од сезоната 2019/2020 или 2020/2021.

Со Даниел Шариќ на голот Вардар нема што да ризикува. Би ангажирал голман на кој одлично му се познати условите за играње на Балканот со оглед на тоа што е роден во Добој, а во кариерата има играно за Црвена Звезда, Синтелон, Тека Кантабрија, Алкобендас, Адемар Леон, Портланд Сан Антонио, Барселона и Ал Квијада.

Репрезентативната кариера ја почна во редовите на селекцијата на Србија и Црна Гора, а играше и две години за БиХ. Во последните три години настапува за селекцијата на Катар.

И самиот веќе е подготвен да се врати во Европа бидејќи сака својата кариера да ја заврши на стариот континент, а подобра шанса за тоа не би имал од Вардар тим кој доминира во оваа година во светскиот ракомет.