Вака играат шампионите, губеа седум разлика, но утре Вардар ќе игра во финале

Шампионите од 2017 година ќе играат во ново финале во Келн. Вардарци денеска се надминаа во вторите 30 минути против Барселона и го нокаутираа противникот кој водеше цели 50 минути. Во десет минути Вардар го доби овој меч во кој имаше седум негатива и на крајот со 29:27 обезбеди победа од за ново финале во Келн и битка за уште една титула.

Вардар имаше променливо и тешко прво полувреме. Го имаше Милосављев кој блескаше на стартот од средбата, но имаше и напад кој не функционираше на нивото кое е потребно за да може да има резултатско надигрување.

Клучните моменти, сепак, дојдоа во последните 7-8 минути од првото полувреме кога составот на Барселона успеа да стигне до клучната предност. Од 10:8 наеднаш стигна до 14:8, а потоа овие шест гола ги одржуваше лесно за на одмор да замине со седум гола позитива. Ова не беше резултат кој даваше надежи за Вардар и дефинитивно најавуваше тешко второ полувреме.

После 9:16 на крајот од првите 30 минути беше тешко да се игра во продолжението. Предноста и понатаму беше од четири до седум гола во корист на Каталонците кои успеваа да издржат. Вардарци се консолидираа и беа многу посмирени во напад отколку во првото полувреме, а тоа даваше простор за добар резултат.

Конечно, Вардар го направи клучниот чекор кон фаќање приклучок на десетина минути до крајот. Како наближуваше финишот од средбата така разликата се намалуваше, на нешто помалку од седум минути разликата беше два гола (24:26), а Барселона имаше и ракометар помалку на теренот поради исклучувањето на Мем.

Барселона го трошеше времето во напад со цел да помине повеќе од исклучувањето на Французинот, но Дибиров украде. Контрата не беше реализирана, но затоа Кристопанс упати удар за 25:26. Откако Дуарте направи грешка во напад следуваше акција во која Мораеш реализираше за целосен кам-бек на Вардар во овој меч. На точно три минути и 45 секунди до крајот од средбата вардарци израмнија на 26:26.

Вистинската драма се случуваше во последните три минути. Милосављев одбрани удар на Дуарте, па даде можност за напад на Вардар за прво водство во натпреварот. И тогаш на нешто повеќе од две минути до крајот Тијаго Петрус стартуваше над Кристопанс и тоа кога тој мораше да бие поради пасивен напад. Судиите ја погледнаа снимката, па го испратија Петрус на трибините, а Барселона остана со ракометар помалку речиси до крајот на средбата. Кога беше најпотребно, Игор Карачиќ најде сили за да бие и од осум метри го надмудри Перез де Варгас за прва предност на Вардар.

Карачиќ остана да лежи, но судиите не ја прекинаа играта. Затоа, пак, Кристопанс одигра мудро пред Гомез Абељо кој ја загуби топката, па на 100 секунди до крајот Вардар имаше нов напад за плус два. Меѓутоа Карачиќ мораше надвор поради повреда на ногата. Затоа, пак, Кристопанс го играше мечот на сезоната и со својот десетти гол донесе 28:26 за најава за ново победа на Вардар над Барса во полуфинале во Келн.

На крајот коцките се поклопија и Вардар победи со 29:27 и утре од 18 часот ќе игра против Веспрем во финалето во 10. јубилеен фајнл-фор во Келн.

ВАРДАР – БАРСЕЛОНА                29:27 (9:16)

Сала: Ланксес Арена во Келн. Судии: Зигмар Сондор и Ренар Лицис од Летонија. Делегати: Роберт Дујардин од Франција и Ојвинд Тогстад од Норвешка.

ВАРДАР: Милосављев (15 одб.), Гедбан, Стоилов 1/2, Поповски, Кристопанс 10/14, Мораеш 4/4, Дисингер 2/3, Карачиќ 5/8, Скубе 1/3, Калараш, Чупиќ 3/4, Дибиров 2/5, Горбок, Шишкарев 1/2, Војводиќ, Кисељев.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 6 мин.

БАРСЕЛОНА: Перез де Варгас (10 одб.), Мелер, Томас 2/2, Ентрериос 2/5, Сораиндо, Андерсон 0/4, Арињо 3/7, Гомез Абељо 9/11, Шипжак 1/1, Дос Сантос 2/3, Доленец 0/1, Мем 3/7, Брито Дуарте 2/5, Илиќ 1/2, Палмарсон 1/4, Фабрегас 1/1.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.