Брестовац: Ни треба низок среден бек, кој ќе биде лидер на теренот

После одигрувањето на четири контролни средби, селекторот Данило Брестовац може да биде задоволен од еден дел од играчите, но има и многу критики за добар дел од нив. Смета дека мора да се одработи уште посилно во продолжение на подготовките за да се дојде до посакуваниот резултат.

Брестовац вели дека би било добро да има уште еден среден бек, кој нема да биде висок туку низок и кој ќе може да биде лидер в нападот.

„Ни недостига среден бек, кој ќе биде лидер во нападот, кој ќе биде организатор и тоа по можност да биде низок бидејќи имаме високи играчи. После четирите контролни натпревари јас ги искарав десните бекови и им реков дека ако можев немаше да земам никого со мене ниту во Словенија нуту во Австрија. Ги искарав и крилата бидејќи имаа многу промашени удари. Димитриоски на пример отпадна затоа што имаше многу промашени зицери. Ова е репрезентација каде секоја топка е важна. Имаше врзани грешки кои не смее да ги направи. Сите имаа шанса да одиграат четири натпревари.

Брестовац смета дека резултатот од турнирот во Букурешт не смее никого да залаже туку едноставно мора сите да бидат свесни дека ќе мора уште да се работи.

„Не дозволуваме победата со Романија да не залаже. Романците беа подготвени да прослават, но наша грешка ќе биде ако мислиме дека имаме ротација. Не е така туку ние мораме да сфатиме дека мораме да работиме и понатаму. Мора сите да сфатат дека мораме да работиме. Кога тоа ќе го сфатат сите тогаш сме на вистинскиот пат“.

После завршувањето на турнирот имал и состанок со играчите кои беа дел од ова натпреварување. На секого му образложил зошто ќе биде или нема да биде дел од средбите во Словенија.

„Со секој ракометар имав посебен состанок. Сите имаа шанса. Некој помалку некој повеќе. Тоа што им го понудив да одработат требаше да го искористат. На секој точно му беше објаснето што е целта и што ми е мене целта и за што се повикани во оваа репрезентација. По завршување им беше кажано што одиграа и како одиграа. Немаше ниту едно прашање и коментар за моето излагање за секој посебно“, изјави селекторот Брестовац.

Тој на контролните средби против Словенија ќе поведе вкупно 20 ракометари, но на Европското првенство нема да бидат сите бидејќи тоа ќе зависи од одлуката со колку играчи да се патува.