Ако нема регионална, ќе има домашна: Вардарки ќе играат во регуларниот дел од Женската Лига

По откажувањето на Подравка, женската регионална лига е во неизвесност дали ќе се игра сезонава, па Вардар би можел да остане без интернационални тестови. Но во пресрет на дуелите од Лигата на шампионите, вардарки барем ќе ги играат натпреварите од домашниот шампионат, за разлика од лани кога играа само два натпревари и ја освоија титулата.

На Конференцијата на клубови што денеска се одржа во просториите на РФМ, одредени беа натпреварувачките броеви на екипите што во претстојната сезона ќе се натпреваруваат во Женската лига во сениорска конкуренција, а со тоа одреден беше и распоредот на натпревари. Сезонава ќе играат осум екипи, и ќе се игра двокружен систем со вкупно 28 кола. Нема да има разигрување за титулата, туку екипата што ќе освои најмногу бодови ќе биде крунисана за првак на Македонија.

Сезоната почнува викендот на 16 и 17 септември 2017 година, а до крајот на календарската 2017 година ќе се одигра точно половина, односно 14 од вкупно 28-те кола. Пауза ќе има во периодот од 25 септември до 1 октомври за ЕХФ Неделата кога активни ќе бидат репрезентативните собири. Последните лигашки натпревари во 2017 година ќе се одиграат на 16 и 17 декември. Распоредот на натпревари можете да го погледнете ТУКА.