Ѓер демонстрираше сила против Одензе, европскиот првак ќе ја брани титулата

Вториот претставник на Унгарија во четвртфиналето на Лигата на шампионите, Ѓер, доминантно се пласираше на завршниот турнир. По минималната победа во Данска против Одензе, во реваншот, европскиот првак фуриозно славеше уште една победа, 33:21.

Одензе имаше сили да се спротивстави на Ѓер само дваесетина минути до резултат 10:10. Од тогаш Унгарките целосно ја преземаа контролата на натпреварот. Со одлична одбрана и реализација на нападите до крајот на полувремето направија серија 8:0 за одалечување на недостижно водство и уште по првото полувреме пласман меѓу најдобрите четири.

Одензе беше без постигнат гол последните десет минути од првиот дел, а така продолжија и во второто полувреме кога Ѓер избега на огромни 22:10 со вкупна неверојатна серија 12:0. До крајот остана формално да се доигра натпреварот до конечни 33:21.

Најефикасна во составот на Ѓер беше Аморим-Талеска со седум погодоци, а една од најзаслужните за победата беше Амандин Лејно со десет успешни интервенции. Во составот на Одензе најмногу голови постигна Надја Офендал, вкупно 5.