Црногорскиот репрезентативец Божо Анѓелиќ е прв на листата ракометари со кои преговара македонскиот вицепрвак Металург за следната сезона. Тимот на Червар ќе остане без услугите на Немања Обрадовиќ, па бара солуција за плејмејкерската позиција. Анѓелиќ е понуден на македонскиот тим, па сега се разговара околу деталите за неговиот трансфер.
Анѓелиќ е 25-годишен среден бек, кој по потреба игра и на левата бековска позиција. Тој е член на унгарскиот тим Цегледи, каде игра со поранешниот пикер на Вардар, Немања Грбовиќ. Иако релативно млад има солидно интернационално искуство во шведскиот Малме и во унгарскиот шампионат, а претходно беше дел и од Црвена Звезда.
Металург на крајот на сезоната ќе остане без неколку одлични ракометари и повторно ќе треба да гради нов тим. Тренерот Червар и покрај другиот ангажман на клупата на хрватската репрезентација, ќе остане да го води тимот од Автокоманда во следната сезона и веќе се најавени неколку нови засилувања.


