Констанца со убедлива игра го потврди финалето на Струшкиот турнир

Ракометарите на Струга и Констанца го одиграа првиот натпревар од последниот ден, а гостите од Романија со победа од 37:19 го потврдија првото место во групата и местото во финалето. Стружани беа немоќни на овој дуел така што ова беше потврда само на квалитетот на Романците.

Констанца тргна во средбата со предност од 7:0. Овие седум гола го решија победникот и тука веќе беше јасно дека ова ќе биде дуел кој ќе финишира со голема разлика во корист на тимот на Звонко Шундовски. Стружани својот прв гол го постигнаа дури после 13. минути игра,  тука веќе беше решено сè.

До крајот на првиот дел Струга успеа да стигне до пет гола, но прими дури 18, па на одмор тимот од Констанца имаше убава предност која гарантираше убедлив триумф.

После ова во продолжение од средбата немаше потреба да се форсира, па Романците одеа главно на контри и успеваа да се изборат за зголемување на предноста, која до крајот стигна до 18 гола и конечни 19:37.

Со ова Констанца го освои првото место во групата, Железничар финишираше како втор, Алингсас трет, додека екипата на Струга е последна на табелата и утре ќе игра исто така во 10 часот во битката за 7. место.

Денешната програма продолжува од 17:30 часот со дуелот меѓу Е. Работник и Тулуз. Потоа играат тимовите на Целје и Бешикташ, а од 21 часот е главниот меч денеска, а тоа е Супер куп двобојот меѓу Вардар и Металург.

СТРУГА – ДОБРОГЕА СУД КОНСТАНЦА    19:37 (5:18)

Игралиште на „Женска плажа“ во Струга. Гледачи: 100. Судии: Михајло и Методија Илиевски од Битола. Делегат: Јован Василев од Битола.

СТРУГА: Стојаноски (3 одб.), Кизиќ (3 одб.), Мечкароски (3 одб.), Кузманоски 2, Крстаноски, Петровски 6, Нацев, Тренчески 4, Цителишвили 1, Јанкулоски 1, Дукоски, Хаџидимов 2, Барлакоски 2,Бајрамоски, Мемед, Костоски 1.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 2 мин.

ДОБРОГЕА СУД КОНСТАНЦА: Василие (8 одб.), Салдаценка (4 одб., 1 сед.), Митревски, Малиновиќ 3, Нистор 5, Чиковани 1, Кевиќ 6, Вујовиќ 2, Тома, Александру 3, Чутура 1, Цог 7, Николиќ, Сушану 3, Игнат 5, Маркоски, Мокану 1, Буричеа.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 8 мин.