Доброгеа Суд Констанца и Алингсас ги поделија бодовите

Вториот дуел од првиот ден на Струшкиот турнир го донесе и првото реми, а во него актери беа ракометарите на Доброгеа Суд Констанца и Алингсас. На крајот резултатот беше 21:21 после големо надигрување во кое никој не успеа да дојде до нешто повеќе во последните мигови од дуелот.

Средбата почна со израмнета игра. Ракометарите од Романија каде има двајца Македонци на теренот и двајца во стручниот штаб имаа добро отворање на средбата. Поведоа со 5:2, но не успеаја да го задржат ритамот.

Алингсас успеа да го издржи првиот налет и потоа почна полека да го фаќа потребниот ритам со што и се врати во резултатска игра. Покрај тоа почнаа да се менуваат и работите на теренот така што брзо дојде до израмнување на 6:6, а потоа и до водство за Швеѓаните кои успеаја да стигнат до 8:6.

Оваа позитива траеше кратко бидејќи дојде до ново израмнување и потоа до игра гол за гол во следниот период. После 8:8, Алингсас остана во предност, но тимот од Романија успеваше да израмни. Пред заминување на пауза се избори и за предност и на одмор имаше 13:12.

Вториот дел во многу наликуваше на првиот. Екипата на Констанца поведе од стартот и постојано беше во предност од два или три гола. Противникот се одржуваше, но не успеа да израмни.

Првиот пат кога Швеѓаните обезбедија гол негатива од 18:19 тоа се случи во 46. минута, а потоа уште еднаш се дојде до истата разлика во 56. минута ког беше 20:21. Минута подоцна Алингсас успеа и да израмни на 21:21, па се влезе во максимално интересна завршница од средбата.

До крајот немаше нови погодоци, па дојде до поделба на бодовите што после првото коло го постави тимот на Железничар на првото место во групата.

ДОБРОГЕА СУД КОНСТАНЦА – АЛИНГСАС       21:21 (13:12)

Игралиште: „Женска плажа“ во Струга. Гледачи: 300. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Славчо Каланоски од Струга.

ДОБРОГЕА СУД КОНСТАНЦА: Митревски (4 одб.), Василие (5 одб.), Салдаценка, Малиновиќ 3, Јонут, Чиковани 1, Кевиќ 2, Вујовиќ 2, Лаурентиу, Црноглавац 3, Чутура 5, Цок, Николиќ 1, Шушану, Игнат, Маркоски, Мокану 3, Буричеа.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 6 мин.

АЛИНГСАС: Крафт (5 одб.), Скерлинг (3 одб.), Акселсон, Хеландер 1, Линдберг 4, Клар 5, Терн, Бодин 2, Анреасон, Реген, Нилсон 1, Сандберг, Лундал, Берг 2, Баруд 2, Ланг 1, Остегрен, Лијаба  3.

Седмерци: -, Исклучувања: 6 мин.