“Плинарите” не ја пронајдоа светлината во Париз

Во рамките на второто коло од групата А во Лигата на шампионите, екипата на ПСЖ го пречека хрватскиот шампион, ППД Загреб. Пред овој натпревар и двете екипи имаа по една победа, а на клупата на “плинарите” повторно изостана шефот на стручниот штаб, Веселин Вујовиќ, кој своето деби во Лигата на шампионите ќе го има против добро познатиот противник Лино Червар и Металург.
ПСЖ преку Онрубија го отвори натпреварот со погодок од контра напад, потоа следуваа минути на Нарцис и Степанчиќ за 3-3 по првите пет минути игра. Французите постојано ја имаа резултатската предност, но “плинарите” постојано го анулираа минималното водство на домаќините. Првото изненадување на натпреварот се случи во 16-та минута кога Степанчиќ со одличен погодок од дистанца ги доведе ППД Загреб до првото водство на натпреварот, 6-7. Веќе наредната минута Сандро Обрановиќ ги доведе хрватите на два гола предност, тоа беше моментот кога се запали црвеното светло на клупата на Гарден. Од 19-та минута до 27-та ракометарите на Париз Сент Жермен направија серија од 5-0, а Обрановиќ стави крај на таа серија со одличен погодок од 12 метри. Тоа беше и последниот прецизен удар до крајот на првиот дел, кој заврши со резултат 11-9.
Почетокот на второто полувреме повторно го одбележа одличниот Степанчиќ, кој беше единствен расположен ракометар во нападот на ППД Загреб. Со нова серија од 4-0, парижаните повторно го зголемија водството на пет разлика 16-11, а во 40-та минута Гунарсон ги постави највисоките 6 голови предност 18-12. Надежите на Загреб сеуште не беа загубени, со двата гола едноподруго на Јосип Валчиќ разликата на ПСЖ се намали на четири погодоци предност. Искусните интернационалци во редовите на францускиот вицепрвак не дозволија никакво изненадување, ја задржаа предноста до крај на натпреварот, кој го затвори Хорват со прецизен обид од пенал за конечен резултат 27-22.
Најпрецизен играч на натпреварот беше Микел Хансен со 8 постигнати погодоци, повеќето од пенал линијата, додека кај хрватскиот шампион Степанчиќ со 6 го предводеше Загреб на овој натпревар.
ПСЖ во наредното коло ја пречекува шпанската екипа Натурхаус Ла Риоха, додека ППД Загреб е домаќин на македонскиот шампион Металург.