Oфицијално промовирани првите засилувања на Металург: Koциќ и Липовина “плаво-бели” во наредните две години

Екипата на Металург официјално ги промовираше своите први две засилувања за сезоната 2014/15. Плаво-белите ќе бидат посилни за имињата на Владан Липовина и Мирослав Коциќ, кои дресот на тимот од Автокоманда ќе го носат во наредните две години.

Владан Липовина е црногорски репрезентативец кој игра на позицијата десен бек. Во Металург доаѓа од Шпанија, каде настапуваше за екипата на Сиудад Енкантада, а исто така има настапувано и за Ловќен.

ЛЛ
www.rkmetalurg.mk

Владан Липовина (десен бек):

Мојот потпис за Металург претставува голем напредок во мојата кариера. Иако имав доста понуди, ја прифатив поканата на Металург бидејки тоа е екипа која учествува во Лигата на шампионите и постигнува феноменални резултати во ова натпреварување. Металург е познат по својата работа со млади ракометари, а тренерот Лино Червар е еден од најценетите во светот. Особено ми е мило што ќе играм покрај Ренато Вугринец од кого ќе имам што да научам. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата на клубот и дека ќе имам можност да допринесам во идните успеси на Металург.

Мирослав Коциќ е 33 годишен голман кој доаѓа од екипата на Војводина, а воедно е и репрезентативец на Србија.

Лк1
www.rkmetalurg.mk

Мирослав Коциќ (голман):

Презадоволен сум од можноста да заиграм за екипата на Металург, која секако е една од најдобрите во Европа, што и го покажа со своите пласмани во последните две сезони од Лигата на шампионите. Мило ми е што ќе играм во Скопје каде ракометот е повеќе од спорт. Знам дека во Металург конкуренцијата на моето место е жестока и јас исклучително ги почитувам и Станиќ и Митревски. Сепак, во колективен спорт каков што е ракометот најважно е сите тројца да бидеме во функција на клубот и сметам дека ќе има доволно натпревари во кои сите ние ќе имаме можност да ги покажеме своите квалитети. Морам да признам дека ниту во еден момент не се двоумев да ја прифатам поканата и да потпишам за Металург.