Mладинското СП е атракција во Алжир: Македонските ракометари тренираа пред публика! (ВИДЕО)

Македонската младинска репрезентација денес пристигна во Алжир каде од 18ти до 30ти јули ќе биде дел од Светското младинско првенство. Македонија ќе настапува во групата Ц, заедно со Шпанија, Тунис, Русија, Буркина Фасо и Бразил. Натпреварите ќе се одиграат во спортската арена Хачене Харча која има капацитет од 6000 посетители за ракометните натпревари и каде ќе се одржи завршницата на мундијалот.

Македонија го одработи првиот тренинг, а она што остави најголем впечаток беше публиката на трибините, несекојдневно кога во прашање се големите ракометни првенства.

Избраниците на Илија Темелковски утре ќе го започнат мундијалскиот настап против репрезентацијата на Русија, дуел кој на програмата е последен со почеток од 14:00 локално време (15:00 во Македонија). Претходно во групата Ц од 10:00 Светското првенство ќе го отворат Бразил и Шпанија, потоа од 12:00 на програмата е дуелот меѓу Тунис и Буркина Фасо. Кон елиминациската фаза за висок пласман водат само првите четири места во групата.