EХФ и Бундес лигата во војна поради термините за играње

Новата сезона во Лигата на шампионите е на стартот и има само две комплетирани кола, а веќе се појавија првите проблеми и тоа со клубовите коишто настапуваат во Бундес лигата. Со оглед на тоа што средбите во ЛШ се играат в среда, четврток, сабота и недела доаѓа до поклопување на одредени денови така што засега не може да се најдат слободни термини.

Во Бундес лигата веќе немаат дуели в среда и играат натпревар в четврток и за викенд. Три клуба играат и во Лигата на шампионите, а тоа се Рајн Некар, Флензбург и Кил. Со оглед на тоа што има 34 кола во шампионатот на Германија, а имаат и договори со ТВ-партнерите, како и со арените во коишто играат се појавува проблем во распоредот на натпреварите.

Иако имаше договр меѓу ЕХФ и Бундес лигата, сепак, новините ги оставија клубовите во тешка ситуација. Рајн Некар веќе мораше во три дена да одигра средба од Бундес лигата и во Лигата на шампионите, а на 11 и 12 ноември се заканува истото. Неможноста да се најде друг термин за натпреварот од домашниот шампионат е причина да мора да се одигра дома на 11 ноември, а веќе следниот ден да се гостува во Барселона. Тоа ќе биде голем проблем така што ЕХФ и челниците на Бундес лигата ќе мора да најдат договор.

Сезонава во Лигата на шампионите играат 28 екипи од 18 различни земји, па оттаму е навистина тешко да може да се одговори на сите барања на лигите и секаде да се успее со точно распоредување на термините.