EП за кадети ( Полска): Задоцнет финиш на нашите кадети, пораз од Исланд

Македонската кадетска репрезентација загуби од репрезентацијата на Исланд со 26-25 и не успеа да ја осигура првата позиција на табелата која сигурно ќе не оставеше во трката за 9. место на ЕП.

Нашата репрезентација доста лошо го започна натпреварот против Исланд. Големиот број на технички грешки во нападот, им овозможи на репрезентативците на Исланд да го искористат своето најсилно оружје и преку контра напади да го полнат нашиот гол. Многу рано, веќе во 5 минута Исланд имаше 3 голови разлика 1-4. Натпреварот продолжи во ист ритам, нашето најсилно оружје двоецот Талески-Нелоски беше комплетно неутрализиран, а Исланд на најдобар можен начин ја казнуваше нашата неефикасност за високи 6 голови предност (5-11) во 20 минута од првото полувреме. По ова високо водство на противникот нашата репрезентација како да се подразбуди па со серија од 3-0 успеавме да ја преполовиме предноста на Исланд на три голови разлика (8-11), што беше аларм за исландскиот селектор да побара тајм аут. За наша несреќа Исланд по тајм аутот одговори со три погодоци од 9 метри и успеа да ја одржи солидната предност која на полувреме изнесуваше 10-14.

Второто полувреме го отворивме со гол на Филип Талески за 11-14 и надеж дека ќе успееме да ја стигнеме негативата од 3 голови разлика. Но наместо да продолжат во исто темпо, нашите репрезентативци повторно имаа недозволив број на технички грешки во нападот, по што им подаруваа лесни голови на исланѓаните. Репрезентација од калибарот на Исланд тоа знае да го казни па со нова серија од 4-0 Исланд поведе со 11-18 во 37 минута од второто полувреме. Се до 50 минута од натпреварот Исланд ја одржуваше разликата помеѓу 6 и 8 голови разлика во своја корист. Тогаш на сцена стапи убедливо најдобриот македонски репрезентативец на овој натпревар, Марко Нелоски кој буквално од секоја позиција го торпедираше исландскиот гол. Тоа се почувствува и во играта на нашата репрезентација кога гол по гол буквално ја топевме исландската предност, и со голот на Талески во 58 минута успеавме да се вратиме на -2 (23-25). Сепак Исланѓаните со голот кој го постигнаа во 59 минута ги решија сите дилеми на овој натпревар. До крајот на натпреварот Нелоски и Талески постигнаа уште два брзи голови за конечни 25-26 во корист на Исланд.

Навистина штета, бидејки нашите репрезентативци доцна се разбудија во овој натпревар. Последните 10 минути од натпреварот покажаа дека може и поквалитетно да се носиме со репрезентацијата на Исланд, но за победа против таква репрезентација се потребни многу повеќе од квалитетни 10 минути.

Најдобар поединец во нашата репрезентација беше Марко Нелоски со 10 постигнати погодоци.

Сега останува да се надеваме дека репрезентацијата на Србија ќе успее да ја совлада Русија со мала разлика, по што нашата репрезентација би се пласирала на втората позиција на табелата.