24Ракомет ИНТЕРВЈУ со Никола Митревски: Не погрешив кога го избрав Еурофарм Работник!

Се врати во родната Битола и стана играч што ја прави разликата во дебитантската сезона на Еурофарм Работник во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. „Сакав да помогнам за спортот во мојот град“, ќе рече македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски, за одлуката да ја прекине интернационалната кариера и да продолжи во битолскиот тим.

Секогаш скромен и трпелив, подготвен да помогне и кога е на терен и кога е на клупа, на моменти можеби и неправедно запоставен, Никола Митревски е голман што секој тренер би го посакал во својот тим. Стевче Алушовски сезонава му даде полна доверба на голот на Еурофарм Работник, а Митревски во целост ја оправда и стана еден од клучните играчи во тимот. Неговиот „кунг-фу“ потег во дуелот со Бидасоа Ирун со денови се вртеше како најдобра одбрана во изборот на ЕХФ. Завршната интервенција на Митревски во последното коло против финскиот Кокс, пак, на Еурофарм Работник му ја донесе историската прва победа во Лигата на шампионите…

Како ја доживеа оваа победа и како изгледаше сето тоа на теренот во Битола?

„Прв пат бевме фаворити, не посака и среќата и ја искористивме шансата. Првото полувреме го одигравме солидно имавме предност, во второто полувреме повторно имавме „црна дупка“ како што ни се случуваше и на претходните 5-6 натпревари сезонава. Но, за разлика од претходно, сега се вративме во игра, бевме присебни во тие решавачки моменти на крај и за наша среќа, го добивме мечот. Заслужено ги освоивме првите два бода во Лигата на шампионите кои се историски за клубот. Ова е исклучително важна победа за нас, како да сме тргнале некоја препрека што стоеше пред нас. Кај сите нас на изминатите натпревари имаше некој притисок. Не знам, некој страв од победа што не блокираше. Се надевам дека после оваа победа ќе бидеме посигурни и послободни. Ќе настојуваме да не ни се повторуваат грешките. Ништо не е готово додека не заврши натпреварот. Доволно школо ни беа овие натпревари досега на кои губевме во финишот. Сега одиме напред многу посигурно.“

После две години поминати во Португалија во тимот на Бенфика и потоа две во Констанца во Романија, реши да се вратиш во Македонија и да ја продолжиш кариерата во Еурофарм Работник. Што беше пресудно за ваквата одлука?

„Иако имав и други опции, го избрав Еурофарм Работнник бидејќи гледав како растат како клуб од сезона во сезона и сакав да бидам дел од тој проект. Сакав да помогнам за спортот во својот град и се вратив во Битола. Знаев дека Еурофарм Работник ќе игра во СЕХА лигата, но на крајот излезе дека ќе играме и во Лигата на шампионите. Не погрешив што донесов одлука да се вратам и целосно сум задоволен од изборот.“

Еурофарм Работник е дебитант Лигата на шампионите и во СЕХА, ти си повратник во најсилното европско натпреварување и во регионалната лига во кои претходно настапуваше со Металург, но сега со лидерска улога на голот и со многу поголема минутажа. Дали во сето тоа има дополнителен предизвик?

„Нормално дека е предизвик. Секогаш сакам спортски предизвици и без двоумење ги прифаќам. За мене претставува голема чест и задоволство што имам можност да игра во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Настојувам да ја оправдам довербата и на секој натпревар да дадам максимум.“

Како го оценуваш настапот на Еурофарм Работник во ЛШ и во СЕХА на стартот од сезоната?

„Имавме различен старт во СЕХА и во Лигата на шампионите. Во СЕХА стартувавме со три победи, во ЛШ со три тесни порази. Еурофарм Работник прв пат игра во најсилното европско натпреварување и можеби севкупното неискуство од вакви натпревари во ЛШ, придонесе да изгубиме три пати по ред со по еден гол разлика. Но, еве сега дојдовме и до првата победа во ЛШ и мислам дека сме на прав пат.“

Историската победа против Кокс во ЛШ, практично е втора голема победа на Еурофарм Работник во Битола, по оној сензационален триумф против Веспрем во СЕХА лигата, во можеби, најдоброто издание сезонава. Дали овој меч на некој начин го лансира Еурофарм Работник на големата сцена?

„Ретко кој има можност да го добие Веспрем, кој според мене е еден од најголемите кандидати за титулата во Лигата на шампионите. Ние успеавме во тоа, го изненадивме фаворитот и славевме во Битола. За клубот и за играчите таа победа е од огромно значење. После тој натпревар со Веспрем изгубивме два натпревари по ред, натрупаниот распоред и повредите си го зедоа данокот, но најважно е што дека покажавме дека може успешно да се носиме и со големите фаворити. Тоа е исклучително важно за нас.“

Има ли зацртана цел и според тебе до каде е реално дострелот на Еурофарм Работник во деби сезоната во ЛШ и во СЕХА и потоа во плеј-офот од домашната Супер лига?

„Ние сме тука да играме и да ги спроведуваме тактичките замисли на тренерот. До каде би стигнале, искрено, не знам. Имаме квалитетни ривали во ЛШ и во СЕХА, одиме натпревар по натпревар и се обидуваме да победиме на секој од нив.“

Како битолчанец и како играч кој потекнал од школата на Пелистер, а сега си дел од Еурофарм Работник, што мислиш за најавеното спојување на Еурофарм Работник и на Пелистер, колку е тоа позитивно или негативно за ракометна Битола?

„За ракометна Битола тоа би било голем плус. Но, сепак, тоа е работа на управите на двата клуба, а наше е да играме.“

Македонската репрезентација следната недела стартува со подготовките за јануарското ЕП 2020, но тебе те нема на списокот и ќе го пропуштиш овој репрезентативен собир во неделата на ЕХФ. Договор со селекторот Данило Брестовац или неочекуван потег?

„Секогаш сум на располагање на селекторите. Тие се тие што одлучуваат кој ќе биде повикан и кој ќе игра. Мое е да дадам најдобро на натпреварите и преку нив да се наметнам кај селекторот“