24Ракомет АНАЛИЗА: Стевче Алушовски за четврт-финалниот дуел меѓу ППД Загреб и Барселона


ПРИКАЗ НА ШАНСИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ФАЈНЛ ФОР ТУРНИРОТ ВО КЕЛН


PPDBAR

Четврт-финален дуел меѓу Барселона и Загреб, од кој сите на завршницата во Келн ја гледаат екипата на Барселона.
Очекувам добар натпревар во пеколната атмосфера на „Арена Загреб“, како кулминација на еуфоријата која владее во Загреб, слична на онаа кога Пелистер играше против Лемго во 1996. Историјата е комплетно на страната на каталонскиот гигант Барселона, која има 15 победи, еден нерешен резултат и еден загубен натпревар од групната фаза во 2012 година, натпревар без резултатско значење кој Загреб го доби под диригентската палка на Ивица Обрван.
Се паметат историските дуели на овие два гиганта од 1997 до 1999 година кои одлучуваа кој ќе биде европски првак. Одличната генерација ракометари на Загреб ја имаа таа несреќа да игра во времето на непобедливата Барселона, која три пати по ред беше европски првак.
Сите изјави пред овој натпревар од таборот на Загреб се оптимистични, тргнувајќи од тренерот Веселин Вујовиќ, па до нивниот капитен Златко Хорват. Во групната фаза на свој терен ги победија ПСЖ и Кил, одиграа силен турнир на завршицата на СЕХА лигата во Веспрем, затоа имаат право на домашен терен да се надеваат дека можат да ја победат и Барселона.
Не верувам дека на овој натпревар во стартните постави ќе имаа некои поголеми измени. Сум работел со Веселин Вујовиќ и знам дека на секој важен натпревар сака да започне со некое изненадување, искрено се надевам дека ќе го започне натпреварот со некоја изменета постава од она што значи стандардна Ковачевиќ, Обрановиќ, Валчиќ, Степанчиќ, Брозовиќ, Хорват и Ивиќ на голот. Очекувам неколку измени, можеби ќе го видиме Павловиќ на среден бек или Вуглач на десната страна сè со цел да има помалку измени во транзиција, од напад во одбрана. Очекувам да се менува пивотот Брозовиќ, а на негово место во одбраната да влегуваат Тончи Валчиќ или Душко Челица, кои на овој натпревар ќе ја имаат диригентската палка во одбраната. За очекување е Вујовиќ да се обиде со некоја подлабока зонска формација 5-1 или можеби 4-2 кон среден и лев бек, коишто ќе ги затворат Сармиенто или Карабатиќ и Рутенка во обидите да постигнат гол, а ќе го остават Кире Лазаров да се обиде да решава со игра еден на еден на таа нивна длабока зона.
Веројатно е дека Барселона во одбрана ќе започне со 6-0 формација, играта на Барселона се темели на извонредно силна одбрана која овозможува контра-напади преку двете или четирите крила, но Сигурдсон и Томас се оние кои очекувам да го започнат натпреварот.
Ќе не очекува интересен натпревар во кој Загреб ќе се обиде да ја изненади Барселона, каталонскиот гигант има премногу искусен состав за да може Вујовиќ да се надева дека со тие две зони ќе излезе на крај со моќната Барселона. Играчи од типот на Карабатиќ, Сармиенто, Лазаров, Ентрериос, Рутенка можат да излезат на крај со секоја формација на противничката одбрана.


ГРАФИЧКИ ПРИКАЗ НА КВАЛИТЕТ ИЗРАЗЕН ВО ПРОЦЕНТИ СПОРЕДЕНО ПО ПОЗИЦИИ НА ДВЕТЕ ЕКИПИ

finbrojki
Пред еден месец кога Вујовиќ гостуваше со Загреб во Скопје, го запрашав што очекува од екипата на Загреб, ми одговори дека очекува да ја врати старата југословенска ракометна школа преку овие младите момци кои сега играат за хрватскиот шампион. Југословенската школа подразбира одбрана 3-2-1 или 5-1, трансформација од 3-2-1, во 5-1 или 4-2 одбрана. Во напад, игра со многу извлекувања и вкрстувања и сето тоа што ја красеше југословенската школа. Гледаме дека веќе има резултати неговата работа затоа мислам дека Загреб може да се надева на победа во Хрватска, но конечниот победник мислам дека ќе биде Барселона.
За крај, севкупно по двата натпревара според традицијата и она што, според мене, можат да го пружат двете екипи би дал мала предност на Барселона.