24Ракомет АНАЛИЗА: Градимир Чаневски за натпреварот Пик Сегед-Виве Таурон Киелце

Сегед е солидна и компактна екипа која особено е опасна на домашен терен. Главен адут им е играта во одбрана, која особено ја усовршија по пристигнување на тренерот Пастор.
Киелце има одлична бековска линија, предводена од Биелецки и Лијевски, кои се расположени во секој момент да шутираат на противничкиот гол, дури и од 10-12 метри. Имаат два добри и искусни средни бека, Зорман и Ткачик кои знаат добро да ја разиграат екипата и да не го заборавиме Чупиќ кој е едно од најдобрите десни крила и е одличен во контра-нападите.
Играта на Сегед во многу нешта ќе зависи од расположението на Бомбач, кој ја игра сезоната на кариерата во унгарскиот тим. Потпомогнат од искусните крила Калман и Парондо кои долги години настапуваа во Асобал лигата, како и дел од унгарските репрезентативци (Иљеш, Анчин, Зубаи) , унгарскиот состав сигурно ќе биде тежок противик за Киелце, а ќе се обиде да го искористи домашниот терен за да му се реваншира на полскиот шампион.
Двете екипи ги предводат светски признати шпански стратези, затоа очекувам интересен и разнолик натпревар со чести проигрувања на линијата на шест метри.
Голманите ќе имаат важна улога на овој натпревар. Хозе Мануел Сиера, шпанскиот голман кој настапува за Пик Сегед е во добра форма и имаше квалитетни натпревари во последните неколку кола од Лигата на шампионите, од спротивната страна ќе застане искусниот Славомир Шмал кој иако не е во најдобрата форма сеуште потсетува на оној Шмал кој ја донесе Полска до медал на Светското првенство во Хрватска.
Покрај домашниот терен, сепак сметам дека полскиот шампион на чело со Талант Душебаев ќе излезе како победник од овој дуел.
Киелце и Пик Сегед својот прв натпревар го одиграа на 4.10.2014 во Киелце во рамките на второто коло на ЛШ, во кој поуспешена беше домашната екипа со 37-32. Биелицки со 6 и Лијевски со 5 голови беа најрасположени ракометари во екипата на Киелце. Бомбач и Балог во составот на Пик Сегед со вкупно 18 погодоци беа нерешлива загатка за полскиот шампион во првиот натпревар. Како ќе завршат вторите 60 минути и кој ќе биде на врвот на табелата во групата Д останува да видиме во сабота (6.12.2014) во 16:30 часот.