24Ракомет на ПОЛУВРЕМЕ со Борко Ристовски: Предизвикот да се игра во странство е многу поголем

Еден од најквалитетните голмани во поновата историја на Македонија, борец, морален столб на македонската репрезентација, пример за младите ракометни надежи. Борко Ристовски, во ПОЛУВРЕМЕ за новиот „француски“ предизвик и очекувањата од македонската репрезентација.

Kаквa е атмосферата во репрезентацијата, слушнавме разни изјави по крајот на Европското првенство?

-Па добро, изјавата на Бранко не е раздор во репрезентацијата. Секој има право да си каже што мисли, дали е правилно или не, оставам да си пресуди сам, претпоставувам дека верува во тоа што го изјави… Лично сметам дека атмосферата во репрезентацијата генерално е добра, се случуваат некои работи кои се дел од секоја репрезентација не само во нашата и тоа е сосема нормално.

Твои очекувања од престојното Светско првенство во Катар 2015?

Нашиот успех зависи од многу работи. Најпрво треба да се подготвиме добро, да останеме сите заедно како што бевме и до сега и да не избрзуваме со изјави од типот дека ќе освоиме медал, ќе бидеме втори, трети.. Ние не сме ни Германија, Франција или Данска да можеме да прогнозираме однапред, кај нас е се моментално и немаме голем фонд на играчи за да можеме да си дозволиме да коментираме и да прогнозираме било што. Пласманот ќе зависи од многу работи. Од тоа дали еден, двајца или тројца играчи ќе имаат свој ден… воедно тоа е и наш хендикеп. Се надевам дека ќе одиграме добро првенство, дека ќе се пласираме на првите три места  и како добропласирани ќе одиме во вториот круг, каде ќе не очекува полесен пат.

Македонските младински репрезентации учествуваа летово на европски и светски првенства на кои не забележаа некој позначајни резултати…Твој коментар?

Јас кажав и претходно дека кај нас во Македонија се прави фама дека ние имаме којзнае колку добри младинци, на кои треба да им се даде шанса , но кога подобро ќе погледате тоа е малку и од непознавање на материјата. Не можете да кажувате дека ќе освоите медал, а првпат настапувате на некое големо светско натпреварување. Да Вардар и Металург сега имаат младински школи, но тоа сите го имаат и тоа дупло повеќе од нас, така да не треба да се залетуваме со изјавите како ќе освоиме медал, или пак дека треба да се замени некој играч за да се донесе некој млад ракометар кој одиграл еден или два натпревари на кои што покажал некаков успех, некаков квалитет. Според мене треба уште многу да се работи за да се стигне до европскиот квалитет, затоа што на жалост Македонија е далеку зад сите. Оваа моја изјава не сакам да се сфати како безпотребна критика, туку треба да застанеме цврсто на земја, да не се залетуваме и со работа да стигнеме тамо каде што заслужуваме. Имаме талент, имаме деца кои можат да станат светски ракометари, но сето тоа треба да се постигне со многу работа, а не со изјави по медиумите и предвремено пласирање на репрезентацијата на место каде сеуште не е стигната.

Борко 1

Настапуваше во Македонија, Германија и Катар… Зошто Франција?

За Германија се знае дека Бундеслигата е најсилната ракометна лига во светот, најдобро организирана во која настапуваат најдобрите ракометари во светот. Јас се одлучив да ја променам средината бидејки не ми одговараше начинот на живот во Германија, беше премногу мирно за мене. Во француската лига уште немам настапено, но од разговори со мои пријатели кои веќе настапувале таму, знам дека од година во година таа лига оди напред, клубовите располагаат со големи буџети, секоја година се повеќе ракометари заминуваат во Франција. Се надевам дека ќе имам успешен престој во мојот нов клуб Кретеј. Германската лига како што напоменав и претходно е најсилната, но според мене веднаш зад неа доаѓа француската.

Зошто ја избра екипата на Кретеј за твој нов клуб?

Имав понуди и од некои други клубови, но се одлучив за Кретеј бидејки е стабилен клуб, клуб со традиција. Не беше само финансискиот аспект пресуден да потпишам за нив, ми се допадна и целиот проект кој е замислен, во кој амбициите се во наредните две до три години клубот да биде меѓу најдобрите четири екипи во Франција и да обезбеди учество во Лигата на шампионите. Направивме добра екипа и сега останува да се подготвиме добро и оваа година да имаме што подобар пласман, а следната веќе да атакуваме на висок пласман.

Колку е реално да се борите со екипите од самиот врв во Франција?

Па добро, Француската лига е доста израмнета. ПСЖ и минатата година беше во истиот состав па не беше шампион, за малку ќе беше пласиран на третото место и тоа доволно говори за израмнетиот квалитет на екипите. Никој не може предвреме да биде прогласен за шампион. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и дека ќе имаме добра сезона и се надевам дека уште во првата сезона ќе избориме пласман меѓу најдобрите шест екипи.

Борко

Која е најважната одлука која до сега си ја донел во твојот живот?

Јас сум психички доста стабилен човек и верувам дека сите одлуки кои сум ги донел во мојот живот се правилни, бидејки добро размислувам пред секоја моја одлука. Немам некоја посебна одлука која сега би ја издвоил, но стојам цврсто позади сите мои одлуки кои сум ги донел, дали биле лоши или добри, според мене се добри. До сега добро ми оди и само посакувам да го имам истиот разум како досега и да ги расудувам работите на истиот начин.

Дали би им ја препорачал на идните ракометари позицијата голман во ракометот?

Секако. Голман е една од двете најважни позиции во екипата. Доколку некој го сака подеднакво предизвикот да биде плукан од 5000 луѓе или да биде скандирано неговото име тогаш голманската позиција е прав избор. Мене најискрено ми се допаѓа и кога целата публика е против мене, а и кога го скандираат моето име. И двете ситуации ми даваат подеднаква мотивација. Мојот совет е ако некој сака да го живее тој начин на живот, а да не биде просечен да го избере тоа. Ја сакам да пишуваат за мене или лошо или добро. Не сакам средина. Моја препорака е доколку некој го сака тоа, задолжително да ја одбере позицијата голман, да тренира напорно, да стои цврсто на земја и да остане човек.

Дали имаш во план да се вратиш во Македонија и тука да ја завршиш кариерата?

Па мислам дека не би се вратил во Македонија. Немам потреба за тоа. Не би го менувал Париз, иако Скопје е мој град, Македонија е прекрасна држава, сепак предизвикот да се игра во странство е многу поголем. Кога ќе се собере се, финансискиот аспект, животот во Франција, мирот кој ти го дава играњето во странство сето тоа ме влече да останам таму и барем во наредните 5 до 6 години да не се враќам во Македонија.