Томче Петрески нов помошник во националниот тим

Поранешниот македонски репрезентативец и актулен тренер на ракометниот клуб Прилеп, Томче Петрески ќе го замени Данило Брестовац на позицијата помошник тренер во националниот тим.
Од ракометната федерација на Македонија информираа дека планирано е Петрески да биде помошник на Обрван за време на ЕХФ неделата која е во периодот помеѓу 2 и 9 ноември во склоп на подготовките за ЕП 2016 во Полска. Брестовац не може да биде дел од стручниот штаб на репрезентацијата бидејки тој заедно со Обрван се наоѓа на клупата на Шамбери, а францускиот состав не дозволува тренерското столче да остане празно во тој период.

Во однос на новиот ангажман на Петрески, своја изјава даде и генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошевски:

Петрески ќе биде ангажиран за оваа акција на репрезентацијата во неделата на ЕХФ, да видиме како ќе функционираат заедно со селекторот Обрван. Ова е привремено решение за оваа акција. Данило Брестовац останува наш приоритет за настапот на репрезентацијата на ЕП во Полска. Но, доколку Брестовац не е во можност да остане во стручниот штаб, треба да се најде замена. Токму поради тоа, во работата со репрезентацијата го вклучуваме и Томче Петрески