ЛИГА НА ШАМПИОНИ: Први бодови за ЖРК Вардар во главната фаза!

По првото коло од Групата 1 во Лигата на шампионите, неочекувано Вардар со поразот од Лајпциг се позиционираше на претпоследното место, затоа дуелот со последнопласираната екипа ог главната група беше натпревар кој мора да се добие.
ЖРК Вардар СЦБТ 41 -30 Крим Меркатор (21-12)
Свесни дека немаат право на грешка, ракометарките на Вардар предводени од поранешните ракометарки на Крим, Пенезиќ, Лекиќ и Лазовиќ го започнаа првиот дел со одлична 7-1 серија, а во тој период по почетните 1-1, ракометарките на Крим не постигнаа погодок 7 минути. Одличната одбрана и брзата транзиција беа главниот фактор за високата предност.

FLP_1904
Фото: Филип Вирановски

На спротивната страна Крим се обиде да го примени истиот рецепт и со брз центар и полу-контри да се приближи до водството на македоснкиот првак, но во брзоплетоста често грешеа. Во 18-та минута, Пенезиќ ја донесе највисоката предност на Вардар од девет погодоци 14-5. Последниот дел од првите триесет минути им припадна на гостинките, кои во 26-та минута преку одличниот продор на Пино ја врати неизвесноста на натпреварот и Крим на само четири голови разлика 16-12. Но одбраната на Вардар повторно се врати на своето ниво, а Лејно одлично ги бранеше ударите од неизградени позиции, затоа Јованка Радичевиќ со три голови во низа ја врати предноста од седум погодоци (19-12 во 28-та), Дембеле беше прецизна за осум разлика, а точка на првите триесет минути стави Андреа Лекиќ за 21-12.

FLP_1909
Фото: Филип Вирановски

Во второто полувреме, Крим беше рамноправен противник единствено во првите шест минути. Амандин Лејно блескаше на голот на Вардар, а тоа го искористи ударната бековска линија. Прецизниот удар на Андреа Лекиќ од пенал овозможи прва двоцифрена предност за „црвено-црните“ во 37-та минута, 27-17. Минута подоцна Радичевиќ ги постави првите 11 голови предност 28-17. Последните дваесет минути од натпреварот Кастратовиќ им ги довери на младите Алена Ихнева, Итана Грбиќ и на искусната Маја Зебиќ(Сокач). Токму тие ракометарки го донесоа највисокото на Вардар од 38-23 во 53-та минута. Вардарки играа мотивирано и пожртвувано, а секоја ракометарка својата шанса ја искористи на најдобар можен начин. По шеесет одиграни минути резултатот на семафорот беше 41-30.
Најпрецизна во редовите на Вардар беше Радичевиќ со осум , додека кај словенечкиот шампион најдобри беа Марвсар со седум, Пино со пет и Бајрамовска со четири погодоци.