Човек за Гинис: Прилепчанецот Димоски и во педесетите брани како во тинејџерските денови

Во Супер машката лига во Македонија не е новитет тренерот по потреба и да заигра на теренот доколку неговата екипа потреба за тоа, но дефинитивно нов момент е кога на теренот имате ракометар кој веќе има наполнето 50 години. Новитет е и тоа што кога тој ќе застане на голот противничките ракометари доаѓаат во незгодна ситуација и раката им затреперува.

Тони Димоски, откако минатата година беше спасителот на Прилеп во битката за опстанок во Супер лигата, годинава тргна како помошник на Пеце Велјаноски, но на последните средби мораше да застане и на голот на Прилеп бидејќи поради повредата на Алушовски остана испразнето едно место на голманската позиција. Затоа Димоски мораше одново меѓу стативите, па и годинава покажува дека е на истото ниво на форма како и лани.

„Бев долг период повлечен од ракометот. Една брилијантна генерација која бевме од Прилеп бевме тргнати настрана, а со работата на претходното раководство дојде до пореметување на клубот. Прилеп се најде во ситуација да треба да игра плеј-аут. Оние играчи кои требаше да го дадат максимумот беа разочарани од претходното раководство од начинот на кој клубот се водеше. Затоа дојде ситуација четворица ракометари да се вратат во екипата и да се помогне клубот да остане во Супер лигата. Знам добро како е и колку е тешко кога ќе испаднете да се вратите назад“, вели Димоски во интервју за 24 Ракомет.

Тој се потсети на времето кога бил дел од натпреварите во поранешното првенство на Југославија особено на моментите колку е тешко да се вратите во лига од која сте испаднале.

„Доста време настапував во ју-лигата и знаев дека доколку се испадне од Супер лига потоа е многу тешко да се вратите назад. Јас не се двоумев да се вратам назад на теренот. Сакав да му помогнам на клубот. Во мене владееше голем оптимизам. Секогаш сум бил оптимист без разлика против кој противник сум играл и каде се играл натпреварот. Мојата најслаба страна секогаш беше и остана поразот. Кога сум губел ми било навистина тешко за да излезам и на кафе низ чаршија. Се јави голема желба и се собравме на чело со мене. Тука беа уште двајца играчи кои се дел од тимот и годинава Филип Ангелоски и Александар Бозароски. Да не го заборавам и Менде Петкоски, кој е одлично лево крило. Почнавме да работиме и знаевме дека мораме да дадеме максимум за да ја спасиме екипата“.

За себе вели дека во прв момент работел двапати неделно, но дека морал да го зголеми интензитетот за да го постигне нивото кое е потребно.

„Прво почнав со два тренинзи, а почувствував дека ми е премалку. Од една страна стравував како ќе течат тренинзите понатаму. Имав страв од повреди. Едноставно почнав да работам со поголем интензитет. На првиот натпревар ми беше доста тешко, но постепено дојде до експлозија. Таа се случи против екипата на Металург 2 каде победивме со девет гола и тука имав одличен натпревар. Ги анализирав сите играчи бидејќи тоа ми е во навика уште од почеток на кариерата. Секогаш имав статистика кои играчи како шутираат и тоа многу ми помогна. Гледав снимки и бев подготвен за тој дуел, па тој до резултат. Бев убеден дека ќе го добиеме и мечот во Скопје. Во Автокоманда сум бранел многупати и таму теренот бил максимално жежок. Сепак, верував дека можеме и успеавме да победиме“, се потсети на минатата сезона Димоски.

Тој својата кариера ја заврши во екипата на Борец, а помина повеќе од една деценија од неговиот последен натпревар во Супер лигата. Сепак, никогаш не прекинал со активностите и вели дека тоа и му помогнало да успее во посакуваното.

„Јас немав пауза во работата. Моите последни натпревари во Супер лигата беа во периодот од 2004 до 2006 година, каде играв во екипата на Борец. Потоа немав натпревари до 2013 година. Тогаш се случи еден спектакуларен натпревар во кој играше репрезентацијата на Македонија ветерани против ветераните на Тутунски комбинат. Така почна моето активирање. Сега сум дел од репрезентацијата на ветерани на Македонија во која се наоѓаат голем број на звучни имиња на чело со легендата Пепи Манасков, кој е предводник. Таа е негово дело. Од 2013 година почнав да одам низ поранешните ју-простори. Живеам спортски и внимавам на исхраната, а така сум навикнат уште од дете кога бев откриен на 11 години. Го практикувам сето тоа и едноставно знам  што и колку е потребно и имам дисциплина. Кога можам одам во теретана и возам велосипед по 25-30 километри“.

Во однос на промените во ракометот вели дека и понатаму во неговата крв останува на прво место ракометот кој се играл некогаш во поранешната држава.

„Оваа генерација на ракометари кои доаѓаат играат поинаков ракомет, но за мене останува ју-ракометот број 1. Се играше поинаков ракомет и поинаква одбрана. Во поранешна Југославија се играше квалитетен ракомет со доста квалитетна одбрана каде имаше некои резултати на пример 19:18 што докажуваше дека се одработило добро во одбрана. Во моето срце засекогаш останува Југославија. Има доста добри ракометари и сега, но треба макотрпна работа. Во моето време кога јас почнува беше поинаку. Нас не откриваа на училишни натпревари каде едноставно левиот или десниот бек биле деца со голем талент од 75-80 проценти. Со 20 проценти со работа со струлњаци станале добри ракометари“.

Истото важи и за голманската позиција каде нареди неколку големи имиња на поранешниот ју-ракомет.

„Школата на поранешна Југославија за голманите беше и остана број 1. Еден Тута Живковиќ има направен книга и сум учел по неа. Тој беше творец на многу голмани. Не може да се набројат сите, но тука се Мирко Башиќ, Златан Арнаутовиќ, Роландо Пушник… сето тоа е школа на еден голем стручњак, Тута Живковиќ. Сега на пример доказ за таа школа е Арпад Штербик, кој е неверојатен и доминира. Секако свое место тука има и Дејан Периќ, кој беше долгогодишен репрезентативец на Југославија, а потоа и на Србија. Од светските голмани несомнено број 1 е и останува Тиери Омејер“.

Во Македонија во моментов на сцена стапуваат и неколку млади голмани кои имаат околу 20 години, но има и некои кои се уште помлади.

„Има голмани во лигата кои наликуваа на стилот кој јас го негувам, но не би сакал да одвојувам. Можам да кажам дека школата на Вардар има одлични школувани голмани, исто така и на Металург. Не би ги потценувал ниту другите. Сепак, сега е сменет стилот на работа на тренерите. Се работи многу поинаку и далеку поусовршено. Има подруг принцип. Некои работи од времето се истиснуваат, а се внесува нешто помодернизирано“.

Годинава иако покажува дека уште може да биде од помош на теренот неговата главна функција е помошник на Пеце Велјаноски и тренер на голманите на Прилеп.

„Ова е прво искуство за мене да работам како тренер во екипата на Прилеп. Сега сум помошник. Кога почнав да играм ракомет го затекнав Пеце Велјаноски како играч. Тој беше еден неверојатен десен бек. Подоцна ми беше и тренер и сега сум задоволен што сум дел од стручен штаб заедно со него. Сега клубот има целосна реконструкција. Ја прифатив понудата со задоволство и сакам сето мое знаење да им го пренесам на двајцата голмани. Имаме добри и талентирани голмани во клубот, а и во младинскиот погон, но ќе треба да се работи“.

На терените годинава ја заокружува својата четврта деценија. Активен е убедливо најдолго од сите ракометари бидејќи никој не издржал толку долго на теренот. Имало голмани кои исто така се појавувале во минатото да одбранат некој натпревар, но Димоски е хитот во Супер лигата.

„ Веќе наполнив и 50 години веќе сум четири децении активен. Ме открија како талент на училишните натпреварувања на 11 години и ги поминав сите школи на Тутунски комбинат преку пионерката, кадетската, младинската екипа до сениорскиот тим, а имав и пет настапи за младинската селекција на Македонија. Мојата кариера мина главно во Тутунски комбинат каде играв 20 години. После настапите за младинската репрезентација една година бев дел од тимот на Хајдук Вељко во втората лига на Србија која беше навистина квалитетна. Потоа играв и една година во В. В. Тиквеш и две години на залезот на кариерата играв и во Борец“, изјави Димоски во интервјуто за 24 Ракомет.

Со оглед на тоа што е уште активен ќе може својата дефинитивна играчка пензија да ја доживее во клубот каде што остави огромна трага. Тој и сезонава е меѓу голманите во Супер лигата, а веќе покажа дека знае како се носат бодови за својот тим, па ракометарите на противничките екипи ќе треба добро да се подготват доколку сакаат да го совладаат.