Човекот кој го претвори ракометот во префинета игра…

Дојде крај на една ера! Ивано Балиќ го одигра својот последен натпревар…
11415362_10153295477674020_7647815309743439834_n
Пред 18 години, млад, талентиран и надежен спортист во Сплит одлучи наместо кошарка да продолжи да тренира ракомет, и ракометот повеќе никогаш не беше ист.
Одличната генерација на млади хрватски таленти предводена од Петар Метличиќ, Блаженко Лацковиќ и Никша Калеб му овозможија на ракометниот Моцарт да се радува на првиот европски трофеј. Метковиќ го освојува ЕХФ Купот, а Европа за прв пат го запознава талентираниот Далматинец.
На ракометниот мундијал во Португалија 2003, младата хрватска репрезентација предводена од Лино Червар е поразена во првиот натпревар од аутсајдерот Аргентина. Тоа е единствениот пораз на Хрватите на првенството, а сè останато е историја! Светот ја имаше таа привилегија да ужива во магијата на 23-годишниот Ивано Балиќ, а коцкестите да се радуваат на првата титула светски првак. Хрватите заминаа со златен медал, а најдобрите европски клубови ја започнаа битката за потписот на младиот централен бек.
Одлуката да замине во Шпанија во амбициозната екипа Портланд Сан Антонио, му овозможи техничко усовршување на својата дарба, за да се издигне во најдобриот ракометар што некогаш постоел на планетата. По две злата, четири сребра и една бронза од големите првенства, Комитетот на Олимписките игри во Лондон со именување на метро станица за време на Олимписките игри 2012, ја потврди величината на името Ивано Балиќ во светот на спортот.
ИХФ му оддаде признание на ракометниот виртуоз во 2003 и 2006, прогласувајќи го за најдобар ракометар на годината, но најзначајната титула ја добива во 2013 година. Во изборот на ИХФ за најквалитетниот играч во историјата на ракометот, половина од 11000 посетители на официјалната страна на светската куќа на ракометот својот глас му го доделуваат нему, на големиот Ивано Балиќ.
По две сезони поминати во најсилната лига на светот, Хрватот одлучува да стави точка на својата блескава кариера. Негова последна станица е бундеслигашот Вецлар, а во последната година пред заминување од ракометните терени тој е најдобриот асистент во најквалитетната лига во светот.
Најдобриот меѓу најдобрите, ќе замине без најзначајниот клупски трофеј и без репрезентативното европско злато, но фантастичната кариера која на два пати го врати во Хрватска(Метковиќ, Загреб) и во Шпанија (Портланд Сан Антонио, Атлетико Мадрид) ја завршува во Вецлар како херој на многу млади ракометни таленти.
Историскиот натпревар против Гепинген ќе остане засекогаш запаметен како денот кога Ивано Балиќ се збогуваше со ракометната топка. Покрај соиграчите од Вецлар, почит за сето она што Хрватот му го пружи на ракометниот свет пристигна и од ракометната легенда Џексон Ричардсон, кој некогаш му беше идол на младиот Ивано Балиќ.
11401239_10153295699619020_499771569198910756_n
Експертите велат дека ја има најдобрата финта во светот, единствен преглед на играта и огромен талент, оние ракометните вљубеници ги почитуваа неговите креативни решенија и прецизни додавања, а леснотијата со која Балиќ го играше ракометот ја создаде легендата за новиот ракометен Моцарт.

#ThankYouIvano! #HSGFanreporter

Posted by HSG Wetzlar on Friday, June 5, 2015

Едно е сигурно ракометот по Балиќ веќе нема да биде ист…
ТИ БЛАГОДАРИМЕ ЛЕГЕНДО!