Червар за новиот проект на РФМ: Мораме да ги оживееме и другите ракометни центри за сите заедно да направиме резултат!

Сениорската машка ракометна репрезентација денес ќе го има првиот собир во новата сезона. Селекторот Червар започнува нов концепт со собири кои ќе се одржуваат еднаш месечно, и преку кои ќе се постават нови темели за идните македонски репрезентативци. Караванот започнува денес од Битола, а во наредните месеци ќе има за цел да ги мотивира и ангажира сите ракометни центри во Македонија, повторно да се активираат и да помогнат во оформување на младите и талентирани ракометари. Репрезентацијата ќе се состои од ракометари кои играат во македонската лига, како и младински и кадетски репрезентативци кои би требало да ја почуствуваат репрезентативната атмосфера на А селекцијата.

Селекторот Лино Червар за 24Ракомет ги сумираше најзначајните работи од новиот проект на машката ракометна репрезентација.

ЛИНО ЧЕРВАР, селектор на македонската репрезентација:

„Ние со нашиот концепт за развој на машкиот ракомет во Македонија планиравме да направиме една промена, да се обидеме во оваа мала земја да се тргнеме од Скопје и да започнеме да ги посетуваме останатите градови во Македонија.

Денес е Битола. А зошто Битола, бидејќи Битола е храм на македонскиот ракомет и затоа моја желба беше да започнеме од таму. Ми беше драго да видам 5000 луѓе на дербито кое се одигра во петокот, меѓу Работник и Пелистер. Ќе ја искористиме оваа прилика со сите експерти и тренери од Битола, Прилеп и околината да разговараме за заедничка соработка, да си дадеме мотив заедно да работиме на тој концепт и сите да се чувствуваат како дел од проектот. Сите заедно да се обидеме да направиме сè што се може за да го подигнеме ракометното ниво од младите категории до оние постарите.

Често пати се случува да не ги земеме сите талентирани играчи, да не ги видиме, затоа домаќините ќе имаат прилика да ни покажат што знаат, тука зборувам за кадетите и јуниорите, односно генерациите 1998 и 2000. Да ни го претстават својот талент за понатаму да можеме компјутерски да ги анализираме и да можеме да го пратиме нивниот развој.

Потоа имаме работа со сениорската репрезентација, составена од ракометари кои се тука. Земавме различни профили, млади и малку позрели играчи за да можат сите да почуствуваат како сето тоа во иднина ќе изгледа, да го почуствуваат духот на тимот на заедничките собири. Во овој дел исто така ќе бидат вклучени сите тренери.

Ќе дојдеме во тренерки, а не во вратоврска и костуми, бидејќи сите ќе работиме. На крај на собирот ќе имаме заеднички ручек. Ќе бидеме заедно, оние кои се дел од репрезентацијата и тренерите кои таму ќе работат, за да можеме да ги финализираме договорите. Ќе биде убав ден за македонскиот ракомет, ова ќе биде само прв чекор, затоа што само заедно можеме да бидеме подобри. Ако се мисли само на Скопје, а не и на останатите градови тогаш не сме направиле ништо. Мораме да ги оживееме и другите ракометни центри за сите заедно да направиме резултат.

Ќе имаме еднаш месечно по еден собир, следниот собир ќе биде наредниот месец, ќе заминеме во друг град, но не можам сега точно да ви кажам во кој град ќе бидеме.

Имаме и младински репрезентативци на списокот на сениорската репрезентација, сега не можевме да ги повикаме сите, но ќе има многу собири и ќе има место за секој. Сите ќе дојдат на ред никој нема да биде заборавен и никој нема да го оставиме на страна.“