Цупара го одбрани Веспрем од ПИК Сегед

Големото дерби на Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед ги оправда очекувањата. Во максимално израмнет натпревар победата им припадна на домаќините со 29:28.

На почетокот на мечот Веспрем отвори со 2:0, а потоа најчесто резултатот беше израмнет. На секоја реализација на Веспрем гостите од Сегед имаа одговор. Играта гол за гол траеше до 18. минута кога ПИК Сегед со голот на Радивојевиќ за прв пт поведе 9:8.

Следуваше одговор од Веспрем, Борозан и Ненадиќ погодија за враќање на предноста. Неизвесноста траеше до самиот крај на полувремето, а по 30 минути игра никој не обезбеди предност. На полувреме беше 15:15.

Второто полувреме продолжи во ист ритам. Минималното водство на Веспрем траеше кратко и најчесто се играше со наизменични реализации се до половината на вториот дел. Алиловиќ на голот на ПИК Сегед имаше неколку добри интервенции, но и нововлезениот Цупара одговори соодветно, а играчите на Веспрем го искористија тоа за прво водство од три гола, 25:22.

Хуан Пастор веднаш повика тајм-аут, а потоа Канелјас со два гола ја врати неизвесноста. До крајот ништо не се промени. Во последната минута ПИК Сегед имаше напад за реми, но ударот на Канелјас го одбрани Цупара.

Најефикасен во домашниот состав беше Штрлек со седум гола, а по пет постигнаа Гајиќ и Борозан, додека Дејан Манасков не доби шанса за настап на овој дуел. Во составот на ПИК Сегед најпрецизни беа Канелјас и Радивојевиќ со по шест гола.