ЦСМ Роман победник на Трофеј “Роман Мушат Вода“

Традиционално во романскиот град Роман, крајот на август е резервиран за ракометен турнир на женскиот состав ЦСМ Роман. Целиот град живее за ракометот и гордоста на градот, токму затоа победата на локалниот клуб има друго значење.

На годинешниот турнир кој се одржа изминатиов викенд во Роман гостуваа екипите на Корона Брашов (третопласирана во романскиот шампионат), ЦСМ Бистрица (нов романски суперлигаш) и Јувенита Михаловце од Словачка (шампион на здружената лига на Чешка и Словачка, учесник во квалификациите на Лигата на шампионите).

Во првиот натпревар Корона Брашов го совлада словачкиот претставник Михаловце со минимални 30-29. Во вечерниот термин на првиот ракометен ден од турнирот домашниот состав ЦСМ Роман го совлада составот на Бистрица со 30-27 откако на полувреме имаше минимална предност од 16-15.

Вториот ден го одбележа победата на  Бистрица во дуелот со Корона Брашов (25-24),  а во вечерниот термин составот на македонскиот тренер Андон Бошковски ја совлада словачката екипа Михаловце со високи 30-21 (14-9).

Во неделата се одигра финалниот ден, а словачкиот првак успеа да забележи прва победа на турнирот против Бистрица. ЦСМ Роман со трета победа го затвори натпреварувачкиот дел. Овојпат поуспешни беа од составот на Корона Брашов со 26-21 иако во средината на вториот дел имаа и високи +12. Со третата победа домаќините завршија на првото место на турнирот, втори завршија Корона Брашов, на третото место се пласираше словачки Михајловце, а последни завршија ракометарките на Бистрица.

Токму на последниот ден од турнирот, управата на клубот одлучи да ги промовира новите ракометарки и раководство на ЦСМ Роман, а новиот тренер Андон Бошковски пред новинарите истакна:

По неколку недели поминати во Роман имам само убави зборови за тоа што го видов во клубот. Мојата желба е да го одведам тимот на едно друго ниво. Имаме добри ракометарки, но некои работи мора да се променат според мојата филозофија. На пример на последниот дуел против Корона Брашов видов некои работи кои ги имаат во сите екипи од Романија. По 50 минути откако разликата беше голема и беше веќе познат победникот, моите ракометарки почнаа да се опуштаат прерано и дозволија предноста да се преполови. Сакам да го променам тој менталитет и да го одржам нивото на игра низ сите шеесет минути. Можам да констатирам дека по еден месец работа во ЦСМ Роман сум задоволен од тоа како функционираат работите во клубот.

На крајот на оваа недела, ЦСМ Роман ќе учествува на уште еден подготвителен турнир во Брашов како последен тест пред првиот официјален натпревар оваа сезона, на 4-ти септември во Суперкупот против актуелниот освојувач на Лигата на шампионките ЦСМ Букурешт.

ФОТО: www.ziarulderoman.ro