Циндриќ: Во Барса нема дружба после тренинг, сите си одат дома!

Некогашниот ракометар на Металург и Вардар по четири години минати во Скопје, направи трансфер во полскиот Келце, но набрзина се покаја, па од летово негова дестинација е тимот на Барселона. Средниот бек вели дека конкуренција во Асобал лигата е слаба и дека тренинзите на Барса се потешки од натпреварите.

„Асобал лига е одлична за докажување на младите играчи, во споредба со Македонија и Полска. Ги победуваме нашите противници многу лесно, па секој има свои 15-20 минути. За жал, нашите тренинзи се потешки од натпревари, па веројатно затоа немаме добра посета на домашен терен, но ги полниме салите кога гостуваме секаде“, вели Циндриќ.

Хрватот ја спореди Барселона со Скопје и со Келце каде играше и живееше претходно.

„Одлично е, навистина уживам. Не сум во центарот, малку сум настрана, затоа што не сакам гужва. Јас сум малку поблиску до плажата, салата ми е на околу 20 минути. Сè уште не сум бил во можност да го видам градот, едноставно немав време“, продолжи Хрватот.

Тој не може да се навикне на тоа што тренинзите се сфаќаат како работа и дека нема многу дружење пред или по нив.

„Менталитетот не е како нашиот. Сите го сфаќаат тренингот како работа и потоа секој си оди дома.  Ми недостасува тоа дружење. Најмногу се спријателив со Палмарсон. Тој е некако најотворен“, искрен е Циндриќ.

Некогашниот член на Вардар и Металург се наоѓа на подготовки со хрватската селекција за пријателскиот двомеч со селекцијата на Германија во рамките на ЕХФ неделата.