Франција ја симна Норвешка од тронот: Лејно одбрани за титула, Лакрабер ја за запечати

Со десет одбрани Амандин Лејно беше една од најдобрите поединки во редовите на Франција, додека Александра Лакрабер беше стрелец на победоносниот гол на десетина секунди до крајот. Таа го реализираше клучниот гол за победа од 23:21 со што вардарките покажаа дека се меѓу најдобрите ракометарки во светот.

Од почетокот на средбата се виде дека на овој меч нема да биде така лесно да се дојде до победа. И Франција и Норвешка беа концентрирани во нападот и се обидуваа да дојдат до предност.

Првиот удар го зададоа актуелните шампионки откако поведоа со 4:2. Нивното водство најави дека тие ја имаат играта за победа во финалето, но ова беше само отворање на средбата.

Оливие Крумбхолц успеа да ја најде одбраната која ги збуни ракометарките од Норвешка и тие многу тешко успеваа да се снајдат во нападот. Тоа отвораше простор за игра на триколорките, па  тоа значеше и можност за контрола на резултатот.

Франција успеа со нешто подобра игра, но и со одлично расположената Лејно да го зачува водството и на одмор да замине со водство од минимални 11:10.

Почетокот на вториот дел донесе интересна игра, а Франција поведе со 14:11. Се чинеше дека ја има играта за победа на овој меч, но тогаш Норвежанките го засилија темото и почнаа да играат далеку подобро. Лесно наоѓаа простор за голови,  а нивните замки во одбраната беше тешко да се надминат, па тоа ја врати неизвесноста.

Возбудувањата траеја до самата завршница. Во последните десет минути се влезе со нерешен резултат, па следуваше големо тактичко надмудрување во последните десетина минути од дуелот.

Во 53. минута на семафорот стоеше резултат 19:20. Се чинеше дека тука завршува битката за Франција. Меѓутоа тогаш почна пресвртот. Крумбхолц ја врати Лејно на голот, а таа спаси одлично во две ситуации при што овозможи Французинките да направат серија од 3:0 и да поведат со 22:20.

При овој резултат Франција имаше напад за победа. Со погодок ќе завршеше целата неизвесност и Французинките ќе можеа да почнат да слават.

Она што не успеа во тој напад кога се прекомбинираа успеа во следниот кога при 22:21, Лакрабер стрелаше прецизно за победа од 23:21, за симнување на Норвешка од тронот и за голема титула за Франција.