Уште еден Македонец во Шпанија: Костадин Петров потпиша за Гвадалахара!

Покрај Дарко Димитриевски, кој настапува во екипата на Синфин Сантандер, од следната сезона Македонија ќе има уште еден интернационалец во АСОБАЛ лигата. Станува збор за досегашниот кружен напаѓач на составот на Пелистер, Костадин Петров, кој потпиша договор на две години со шпанската екипа Гвадалахара.

Петров остави одличен впечаток во настапите за битолскиот тим. Тој потекнува од велешки Борец, а во нашата држава ги бранеше боите на Радовиш, Куманово и Металург, па за него ова ќе биде прв интернационалец предизвик. Високиот пивотмен се наоѓа на поширокиот список на репрезентацијата на Македонија, а настапите на последните Медитерански игри во Тарагона.

Во Гвадалахара соиграч на Петров ќе му биде легендарниот Хозе Хавиер Омбрадос, а доаѓа и нов тренер. Станува збор за легендарниот Маријано Ортега, кој претходно беше дел од КАИ Арагон, Бургос, Бенфика, а беше дел и од националниот тим на Саудиска Арабија.