Стручна анализа: Кога во потсвеста провејува „лесно ќе биде“

На вториот натпревар на СП против селекцијата на Ангола уште пред почетокот на Мундијалот ги имавме вкалкулирано двата бода од овој дуел. Кога се игра еден таков натпревар, и покрај најавите за сериозност и претпазливост сепак во потсвеста на ракометарите провејува „лесно ќе биде“.
За да го разбиеме тоа „лесно ќе биде“ ни требаа цели 18 минути во кои што направивме 5 технички грешки и промашивме еден куп чисти ситуации. Тајм-аутот на селекторот Червар во 18 минута, поголемата агресивност како производ на двете измени во одбраната 5-1 и играта 7 на 6 во нападот дадоа резултат за наше водство од 9-14 на полувремето.

Во првите пет минути од второ полувреме имавме проблеми во нападот на позицијата лев бек и како плод на тоа имавме старт 0:3, сè до влегувањето на Филип Лазаров. Тогаш работите дојдоа на свое место и нашата репрезентација направи серија од 5:1 за мирна завршница и можност сите 16 ракометари да дадат свој придонес во оваа победа.

Она што можеби нашиот селектор подготвувајќи се за овој натпревар не го имаше ставено во својaта „билежница“ е тоа дека толку ќе се потрошат некои од клучните играчи, пред сè мислам на Кирил Лазаров и Филип Миркуловски, и дека младите играчи ќе бидат без поголем придонес на овој натпревар. Тоа е еден факт кој што треба да загрижува пред трите следни противници во групата. Она што е позитивно е стандардно добрата игра на клучните играчи и сигурноста на голманите кои од натпревар во натпревар се сè подобри.

Два натпревари се зад нас како добра подготовка за влез во претстојните три многу значајни натправари за што подобар пласман и што послаб противник во 1\8 финалето. Натпревари на кои ќе треба да се гине за секоја топка и на кои ќе немаме право на вакви осцилации во играта како на дуелот против Ангола.

За кого! За МАКЕДОНИЈА !!!

Стевче Алушовски