СТАВ: Полка во Краков, па самба во Рио

Изминуваaт и последните денови пред почетокот на континенталниот собир. Во годината исполнета со одличен ракомет, промоција на новите ракометни идоли, возбудливи пресврти и старо-нови шампиони убав повод за кратко сумирање на сето она што нè доведе до тука, до нова можност да запишеме убави спомени од Краков, макар и туристички…

Не е злато сè што сјае

Сè започна од Катар, македонската репрезентација никогаш поамбициозно не влегла во подготовки за еден важен настан. Словенецот Вугринец за прв пат настапи во „црвено-жолтиот“ дрес, а неговиот колега Немања Прибак требаше да биде џокерот на Ивица Обрван. Амбицијата на челниците во ракометната федерација не беше доволна за чудо. Македонија го заврши натпреварувањето на деветтата позиција по поразот од Словенија во 1/8 финалето. Може да се најдат илјадници причини за елиминацијата, експертите ги посочија голманите, одлуките на Обрван, навивачите изборот на играчи, капацитетот на ракометот во Македонија… На крајот на денот, одговорноста за играта на една репрезентација мора да ја сноси оној што ја составил (без разлика дали, што и како му е наметнато од други „фактори“).

Деветто место како репрезентација со најмногу бодови меѓу поразените во 1/8 финалето, за некого очекувано за некого не, но затоа немаше изненадување кога во прашање е светскиот владетел. Франција со златото од Катар ги обедини сите трофеи и ја потврди ракометната доминација, а моќта и парите на домаќините успеаа да го „купат“ само второто место.

Искусниот Словенец не им помогна на Македонците да прослават уште еден успех, напротив неговата улога беше приближно еднаква како и онаа на „туристите“ Ванчо Димовски и Никола Митрески кои не ја добија довербата на хрватскиот стратег. А можеше поинаку…

Приказната беше поучна, пред сè за оние кои инсистираа на пасош за словенечкиот „печалбар“. Останаа неодговорени многу прашања, но сето тоа е историја… Простено, никако заборавено.

И кога требаше отчет за сработеното токму одговорните лица во РФМ, истите оние кои ја превземаа улогата на новинари во Катар, заклучија дека успешно е завршена мисијата на Блискиот исток. Во меѓувреме искусниот Вугринец се продаде во Катар и ја заборави Македонија и оние кои го донесоа во репрезентацијата.

На нероден Петко капа му кројат!

Откако се спушти завесата на најскапиот мундијал во историјата на ракометот, започнаа калкулациите околу Олимписките игри во Рио. Медиумите сензационално објавија дека македонските навивачи ќе бидат сведоци на уште еден ракометен квалификациски турнир, а на тоа се надоврза и РФМ.

Македонската ракометна федерација во ноември се кадидираше за домаќин на олимпискиот квалификациски турнир иако составот предводен од Кире Лазаров е сè уште далеку од Рио исто како што беше и пред Катар.

Додека репрезентациите на Исланд, Унгарија, Норвешка, Шведска, Србија и Русија веќе во своите калкулации ја вмешаа и Македонија, РФМ одлучи самоуверено да поднесе кандидатура за квалификациски турнир на кој уште не е пласирана, што од арогантност, што од огромна желба, што од незнаење…

Патот до Рио води преку Полска

Деветтото место во Катар за сега според плановите на ИХФ и Олимпискиот комитет не води кон Рио. Доколку се исполни и последниот предуслов и Македонија повторно биде дел од варијантите, не смее да се заборават скандалозните одлуки на светската федерација, со која Германија доби виза за настап во Катар за сметка на Австралија.

Освен почитта која ја загуби меѓу европските федерации, ИХФ се задолжи кај Србија и Исланд кои по секоја спортска логика мораа да имаат предност при изборот за замена на „аматерската“ Австралија. Од друга страна балканската врска на високите позиции во ИХФ повеќе не постои по оставките на Калин и Шола, сега во игра се некои нови лица, нови федерации, нови репрезентации…
Едно е сигурно патот до Рио води преку Полска!

Некои нови клинци

Се спушти прашината од светскиот собир за да продолжи квалификацискиот циклус за Полска 2016. По очекуваните порази од Франција, Македонија беше поуспешна од Швајцарија и Чешка за четвртто учество на еден континентален собир. Во ноември јадрото на македонската репрезентација не беше во можност целосно да се склопи. Недостасуваа голем број првотимци, а тоа го искористија младите Талевски, Кузмановски и пивотот на Металург, Пешевски да се наметнат кај селекторот Обрван на пријателските дуели со Хрватска и Црна Гора.

МИСИЈА: ПОЛСКА

Ги одбројуваме минутите до 15 јануари, за вљубениците на овој спорт од тој датум започнува новата година. Македонија во Краков пред бројните полски навивачи ќе мора да докаже дека навистина има потенцијал, храброст, хармонија, искуство и доволен мотив за чекор понапред, чекор за историја, за подобрување на пласманот од Србија 2012. На Европското првенство ќе недостасуваат голем број ракометни вируози и голем број репрезентации ќе играат во изменет состав. Од друга страна Македонија ќе настапи во најсилниот состав, Обрван нема сериозни проблеми кога здравствениот биланс е во прашање, а македонските репрезентативци се за една година поискусни.

Македонската публика повторно ќе ги награди своите спортски херои, илјадници километри за „црвено-жолтиот“ дрес, илјадници километри за сонот за Рио, сонот на целата нација…

Франција ќе биде првиот ракометен ривал, без лажна скромност единствените владетели во машкиот ракомет. На ова првенство ќе ги предводи првата ѕвезда Никола Карабатиќ. Франција има голем број повредени играчи, затоа мотивот и моменталната инспирација на македонскиот состав ќе ја направи разликата на овој дуел, и на сите по него.

Домаќините очекуваат освета за двата порази на Светското првенство 2009 и Европското првенство 2012, но за нас важно е што имаме позитивен биланс против Полска, затоа сите се надеваме дека „македонскиот комплекс“ ќе завладее и со Краков.

За крај, Србија, репрезентација која е вистинска енигма. Старо-новиот селектор се одлучи комплетно да го промени изгледот на тимот, ги избриша големите имиња, и со нов концепт кој треба да го реализира Ненадиќ ќе се надева на втората фаза. Доколку контролните натпревари се некаков показател, Србија ја има најслабата репрезентативна игра во изминатава декада, шанса која македонските ракометари не смеат да ја пропуштат.

Селекторот Обрван се уште има дилеми околу имињата кои треба да зачекорат на „жешкиот“ терен во Арена Краков. Дали ќе се одлучи за свежина во составот (подмладување) или проверена варијанта (искуство) ќе дознаеме пред заминување за Полска. До тогаш на нашиот селекторот му посакувам остра мисла, а на репрезентативците прецизна рака, креативен ум, борбеност и голманска инспирација.

СРЕЌНО!