СТАВ: Нека започнат експериментите!

Дојде „Денот Д“ за новата постава на експериментот наречен македонска ракометна репрезентација. Од лабораторијата на искусниот хрватски стратег покрај добро познатите состојки, им се приклучија нови елементи кои созреваа и се развиваа токму под магичната рака на Лино Червар во составот на Металург. Талески, Кузмановски и Нелоски ќе бидат прогресивната сила на новата македонска селекција.

Мудриот експерт успеа да доведе доволно свежина за да го нарече „подмладување“, а го зачува искуството на веќе стандардните репрезентативци за Македонија да остане конкурентна на сите големи првенства. Во визијата на Червар се вклопи и искусниот бек Арнаудовски, но само за да помогне на тренинзите. Пред многу години  старо-новиот македонски репрезентативец ја почуствува атмосферата во македонскиот национален тим, а овојпат ќе почека на ред да дојде и тој експеримент за да го има својот „кам-бек“ во „црвено-жолтиот“ дрес.

Во морето изјави, одекна една констатација – „Заминаа столбовите на националниот тим…“ Оправдано или не, ги пензиониравме Мојсоски и Миркуловски, па затоа од селекторот се очекува да го оправда своето реноме и да ја создаде магичната состојка која ќе ја врати „разнишаната“ Македонија при врвот на светскиот ракомет. Да ги реши сите проблеми како во култниот хрватски анимиран филм за професорот Балтазар.

Материјал има, искуство не недостига, сите клучни репрезентативци се во одлична форма, почнувајќи од Прибак, преку браќата Лазарови, пивотите Стоилов и Маркоски, па до крилната позиција на Гоце Георгиевски… Сите се подготвени за новиот предизвик наречен „Хрватска 2018“. Во своите редови имаме врвни спортисти кои играат во најквалитетните европски тимови, брзината и продорноста на Дејан Манасков ќе создава проблеми на секој противник, младите металурзи треба да го искористат факторот-изненадување, а диригентот во одбраната Велко Маркоски мора да го пренесе своето големо искуство меѓу соиграчите.

Единствена „непозната“ ќе биде голманската позиција од која најмногу ќе зависи подемот или падот на черваровиот експеримент. Можеби онаму каде што селекторот мораше да биде најхрабар во своите одлуки, играше на сигурно. Ако нешто научивме од минатото, тоа е дека без разлика на клупската форма или статистиките со кои располагаат чуварите на мрежата, ниту еден репрезентативен голман изминативе три години не го кренал својот просек над 35% успешност, детали кои му недостасуваа на овој колектив сигурно и без пропратни сомнежи да зачекори на ракометните собири. Велат во ракометот голманот е половина тим, тоа ни го покажа Чешка на првиот дуел во јуни, а сега ред е да покажеме дека лекцијата е научена.

Украина е идеален противник за почеток на нов квалификациски циклус, времето за подготовки е кратко, но подмладениот состав на противникот, квалитетот, надополнет со поддршката од трибините и големото искуство собрано во македонските репрезентативци значат дека сè освен победа ќе биде неуспех. Веднаш потоа следува дуелот против стариот познаник Чешка. Солидна репрезентација која ја чека својата шанса за наплата на старите долгови. Тим кој е составен од искусни и квалитетни ракометари, кој секоја година сè повеќе напредува и ја чека својата шанса да блесне. Амбициозна репрезентација која повторно ги врати најдобрите поединци и ќе биде вистински испит за можностите на новата македонска селекција.

Новото поглавје во македонската ракометна приказна денес ќе го има својот почеток. „Македонскиот експеримент“, како што неодамна Лино Червар го нарече селекторувањето во Македонија, е пред свршен чин. Дали на крајот сите ќе се радуваме како жителите на Балтазарград кога анимираниот јунак, професорот Балтазар со својата „магична“ машина ги реши проблемите на своите сограѓани ќе одговорат првите шеесет минути на патот кон „Хрватска 2018“.