СТАВ: Мириса на трофеј

Вардарки оваа сезона ја започнуваат најсилни до сега. Една од најдобрите поединки на олимпискиот турнир во Рио, Лакрабер, брзата норвежанка Херем и експлозивната Песоа само го украсија и онака квалитетниот состав на Вардар. Ниту еден тим во Лигата на шампионките нема комплетна и идеална екипа, но Вардар и Ѓер се многу блиску до совршенството. Ако проблемот за Ѓер ќе биде „возрасната“ Горбиц и „спората“ Аморим, на Вардарки им недостасува уште еден квалитетен пивот, екстраталентиран плејмејкер и десно крило за да може да се нарече „супертим“. Ростов Дон се засили со неколку нови ракометарки, но кај рускиот состав и понатаму главниот збор ќе го има Илина, која ќе ја раководи бековската линија на руската репрезентација, онаа истата која им донесе олимписко злато пред два месеци. Токму Лигата на шампионките ќе одговори на прашањето „Колку вреди Евгениј Трефилов?“. Составот можеби е сличен дури и засилен за Дембеле и Лунде, но игрите во домашниот шампионат не покажуваат позитивни знаци за данскиот стратег на клупата на Дон, Јан Лесли. Истото важи и за актуелниот освојувач на трофејот ЦСМ Букурешт, кој успеа да загуби натпревар на почетокот на домашниот шампионат.

Потценети или не, експертите не полагаат многу надежи во составот на Будуќност. Иако во своите редови ја имаат најдобрата ракометарка на денешницата Кристина Неагу, сепак Катерина Булатовиќ повеќе не е на своето препознатливо ниво. По заминувањето на Волтеринг голманската позиција го нема препознатливиот квалитет, а на тоа се надополнуваат проблемите во црногорската репрезентација. Затоа ќе биде изненадување пласман на Будуќност на Фајнл Фор турнирот во Будимпешта.

Оваа сезона надвор од сенката треба да излезе Индира Кастратовиќ. Стратегот на Вардар има можност да биде првиот тренер кој освоил трофеј во Лигата на шампионките како активна ракометарка и тренер. Многу работи во „црвено-црниот“ состав ќе зависат од нејзините одлуки, особено во финалната фаза од натпреварувањето. До тогаш се чини пред Вардар има чист пат, ослабената Астраханочка и составот на Лајпциг не се мерило за квалитетот на македонскиот шампион. Дури и по главната фаза Вардарки единствено ќе треба да се погрижат за Будуќност и ФТЦ Будимпешта (ГРУПА А+Б).

Како тоа ќе влијае на формата на македонскиот првак ќе покаже четвртфиналниот дуел. Кулминацијата на сезоната, сиот труд, тренинг и жртвување ќе се прелеат во тие два натпревари кои стојат меѓу Будимпешта и заборав. Тука Вардар треба и мора да вложи сè што има за да ги исполни очекувањата на клубот, управата, спонзорите и навивачите. Тука Вардар ќе се соочи со вистински предизвик. „Црвено-црните“ својот билет за Фајнл Фор турнирот ќе го бараат преку неколку поранешени европски шампиони или силни и незгодни противници. Без разлика дали тоа ќе биде Ѓер, ЦСМ Букурешт, Ростов Дон, Ларвик или Савехоф (ГРУПА Ц+Д), „црвено-црните“ ќе мораат да вложат сè за да го остварат својот сон.

Наивно е да се зборува дека ЦСМ Букурешт беше изненадување на турнирот во Будимпешта. По прикажаните игри можеби, но дефинитивно не и по ѕвездениот ростер, во најголемиот дел пресликан од „ол стар“ тимот на Светското првенство во Данска. Токму од таа причина наивно е да се смета на Вардар само за третото место, како што тоа го сторија четворица дописници на ЕХФ, наивно е да се смета на било што освен трофеј бидејќи по четири години Македонија нетрпеливо ги очекува новите хероини. Во спротивно многу работи во клубот ќе мора да се менуваат. Романските првенки ни покажаа една работа, никогаш нема да биде вистинското време за трофеј, тоа мора сам да го создадеш и да го заслужиш. Доволно искусни, професионални и квалитетно платени за да се бараат изговори во новинарските текстови или притисокот на јавноста.

Ние го сакаме само најдоброто за клубот, за ракометот, за сите навивачи, за повторно да се радуваме на тој драгоцен пехар. На Вардар му преостанува да се носи со улогата фаворит. Затоа нека започне притисокот, есен е, а мириса на трофеј!