СТАВ: ИМА ЛИ СВЕТЛО НА КРАЈОТ НА ТУНЕЛОТ?

Женската младинска ракометна репрезентација обезбеди пласман на ЕП во Словенија што треба да се игра летово. Македонија како домаќин на квалификациски турнир триумфираше против Молдавија и Фарските острови и од втората позиција во својата група осигура место меѓу најдобрите на стариот континент. Пласманот на уште едно големо натпреварување е огромен успех. За успехот се заслужни сите, Федерацијата, новиот селектор Борче Марковски кој имаше своја визија и несебична поддршка од стручниот штаб и ракометарките. Сепак, мораме да се потсетиме на настапот на женската кадетска репрезентација на Европското првенство во 2015 чиј домаќин беше Скопје. Мораме да се потсетиме бидејќи девојките кои пред неполна недела обезбедија ново учество на континентален собир се речиси истите оние кои ги опишавме со зборот „неуспех“ во 2015 година.

Затоа вистинското прашање е дали има значителен напредок, а одговорот ни го презентираа врсничките од Унгарија. На големите натпреварувања не постојат слаби селекции, репрезентации кои доаѓаат со паролата „важно е да се учествува“, затоа боли што Македонија е се уште далеку од елитата, поточно на 15 голови разлика. Унгарија е репрезентација-модел според која треба се мериме ако сакаме вистински напредок.

Велат изреката „Секое чудо за три дена“ се родила во Македонија. Мајстори сме за создавање еуфорија, а во френетична состојба веднаш забораваме сè. Забораваме на мандатот на минатиот селектор на кадетската репрезентација, забораваме да прашаме во какви услови тренираат идните македонски ракометни репрезентативки, која програма ја работат во своите клубови, колкав е напредокот што им го овозможила националната спортска академија…

Системот, државната стратегија, квалитетот на лигата, а пред се финансиските услови создаваат напредок. На Македонија и е потребна визија, нов концепт или нова стратегија. Зошто да не се соберат десетина експерти кои би ја скроиле насоката по која треба да се движи женскиот ракомет, да се стави рамка на буџетот за младинските категории, да се ангажира професионален селектор кој за својот труд би добивал соодветен надомест и кој ќе биде задолжен само за следење и напредок на најквалитетните младинки.

Зошто да не започне нов проект во кој сите ќе имаме јасна визија до каде можеме да одиме, ако нема буџет ќе се знае дека финансиите се проблем и до таму ни е чергата, ако немаме квалитетен кадар да увеземе ракометни експерти кои би ги едуцирале перспективните тренери. Зошто да не се изгради стратегија која не би имала никакви допирни точки со полупропаднатиот проект на спортската академија. Македонија сега изгледа светски, имаме одлична спортска опрема и услови за работа, но квалитетот не се менува преку ноќ, а за напредок потребно е повеќе од еден собир годишно, потребна е континуирана работа.

Затоа сега не смее да нè залажуваат победите над Фарски Острови и Молдавија, далеку сме од „светлата иднина“ која сите ја замислуваме. Реалноста кажува друго, а ако не ја согледаме на време, ќе го задржиме трендот на менување селектори секоја година.

Веќе практика е да имаме в.д. селектор и таа позиција е единствената која постојано се менува. Јавноста има свои очекувања, а впечатокот и имиџот на оние кои раководат со ракометот во Македонија е поважен од создавањето квалитетна ракометна иднина. Притисокот кој го создаваат зборовите успех и неуспех се горивото потребно за да се започне од почеток без да се запрашаме дали нешто вредело во претходниот систем.

Ако дуелот против Унгарија е некаков предзнак за она што не очекува во Словенија, тогаш ракометната федерација задоволна од сработеното на уште еден в.д. селектор ќе почека до евентуалниот августовски дебакл да го смени и потоа сите заедно од почеток да се вратиме во реалноста на македонскиот ракомет. Приказна која сме ја проживеале многупати, во женска, но и машка конкуренција, особено во последните пет години кога повторно се актуелизираа младинските категории во Македонија. Од искуството нема да извлечеме поуки, тоа ќе го бараме од новиот селектор…

Македонските тренери и ракометни работници тајно ни пишуваат и коментираат за состојбите во женскиот ракомет. Бидејќи виновни им биле медиумите што во последните 10 години младинските категории во женскиот ракомет се сведени на ставка ДРУГО. А под ставка друго е и стратегијата за развој на квалитетен тренерски кадар. Младите експерти знаат со кој си имаат работа и полека се откажуваат или не се подобни кај оние кои треба да ги постават. Чекаме план, стратегија и зајакнување на единствената женска лига во Македонија и се надеваме дека можеби некаде во останатите југословенски центри, ќе се роди новата Кастратовиќ и ќе има потекло од Македонија.

Реалноста е едно, но оној краток момент на среќа и чувството на исполнетост ни влева трошка надеж. Има ли светло на крајот на тунелот? Времето ќе покаже. Можеби е потребна година, две, десет, триесет… Затоа сега велиме ура и силно веруваме во враќање на стариот сјај на женската сениорска селекција.