СТАВ: Време е да започнеме да создаваме победници

Франција е старо-новиот владетел на светот кога ракометот е во прашање. Омејер, Карабатиќ, Нарцис, Акамбре, Сорендо надополнети со новите француски ракометни таленти не брилираа, но одиграа доволно за место меѓу великаните. Македонија својот настап го заврши во осминафиналето.

Додека домаќините на првенството пишуваат нова историја, на нас како и секогаш ни преостанува да научиме од лекциите и да го продолжиме нашиот пат во просечноста.

Македонската ракометна репрезентација ја заврши својата работа на Светското првенство во Франција, а сеирџиите веднаш потоа ја започнаа својата. Во низата досетки се издвои еден саркастичен, но сосема реален коментар.

„Германија, Данска, Македонија… многу квалитетни репрезентации отпаднаа во овој круг.“

Можеби оваа селекција македонски ракометари не може да се спореди со светските велесили, но на Македонија местото и е меѓу најдобрите 16 во светот. Можеше повеќе, ама поразот од Норвешка не боли како оние од Белорусија или Чешка. Македонија од 2012 година не победила Топ-10 европска репрезентација, па веројатно затоа полека се навикнуваме на нашата нова улога во европскиот ракомет. Нијансите ги одлучуваа победниците на овој турнир, а за нашата елиминација пресудија разумот, мирната рака и повредите.

Така измина целиот турнир за најмладите во новата експедиција на Червар. Нелоски делуваше импресионирано, дефокусирани и на моменти загрижено. На неговите промашувања по првите два натпревара се надоврза несигурниот Дрогришки. Премногу калкулации и страв беа собрани на левата бековска позиција. Недостасуваа инстант одлуки, границата  од милисекунди која од кукавиците прави херои. На ова првенство од левата бековска позиција многу ретко можевме да видиме правилна, правовремена и непоколеблива одлука.

Некои нови клинци

Одлика на големите играчи е да блеснат кога никој не го очекува тоа од нив, а македонската јавност не очекуваше, но потајно се надеваше дека заедно со новата ѕвезда на Рајн Некар конечно ќе можеме да се „силиме“ и од левата бековска позиција. Червар не се одлучи да го форсира младиот Талески, а за оваа селекторска одлука Талески не најде начин да го демантира во шансите кои ги доби. Додека ние чекаме нашите млади ракометни ѕвезди да созреат и да се охрабрат, некои нови клинци го украдоа шоуто во Франција.

Поранешниот репрезентативец на Хрватска, а сега стручниот коментатор на овој мундијал, Горан Шпрем пред четвртфиналниот дуел со Шпанија истакна дека клубовите создаваат играчи, а репрезентацијата имиња. Како да го послуша младиот Марко Мамиќ(22 години), па го запиша своето име во историјата и ја одведе Хрватска во полуфинале. Сега светот знае зошто Кјелце потпиша со талентираниот лев бек.

Ако некој не го знаеше новиот двигател на норвешкиот ракомет, Сандер Сагосен (21 година), по овој мундијал тешко ќе го заборави. Човекот кога Норвежаните го нарекуваат „новиот Карабатиќ“, одигра зрел и квалитетен турнир, а неговата игра беше една од клучните алатки за пласман во финалето.

Белорусија на ова првенство шанса им укажа на младите. Уште минатата година на Европското првенство ја промовираше иднината на белоруските голмани, Вјачаслав Салдаценка(22 години), а на овој шампионат своите можности ги покажа одличниот пивот Арцeм Каралек (20 години).

И Веселин Вујовиќ имаше свој ас во ракавот, десното крило/бек Блаж Јанц (20 години) веќе прераснува во вистинска ракометна ѕвезда.

Швеѓанецот Џери Толбринг (21 година) беше прогласен за најдобро лево крило на мундијалот.

Светската велесила Франција промовираше нова ракометна икона во името на десниот бек Надим Ремили (21 година). Поради него Бараше замина од ПСЖ, а тој возврати со одлични игри кои му обезбедија место меѓу „одбраните“ во францускиот национален состав.

Македонија повторно меѓу 16-те светски ракометни репрезентации…

Македонските дебитанти не уживаа во ракометот, затоа товарот на овој турнир мораше да го понесат повозрасните. Само благодарение на Лазаров, Миркуловски и Стоилов, македонскиот напад делуваше заканувачки-пристојно. Не добивме ништо ново на овој турнир, но Македонија после долго време делуваше сплотено, тимски, делуваше комфорно. За прв пат делуваше дека ги имаме работите под контрола, дека постои ред и селектор на едно големо натпреварување.

Акцентот во нападот беше ставен на играта „седум на шест“. Игра без голман, со човек повеќе во нападот, тактички ризична, но оправдана кога ги познаваш можностите на твоите ракометари. Многу критики и пофалби се слушнаа за новиот концепт на македонскиот напад, селекторот на Саудиска Арабија, Ненад Кљаиќ го нарече „напад за послаби репрезентации“,  но речиси никој не спомена дека една Хрватска многу често играше со играч повеќе. Тоа беше и рецептот за големите победи против Данска и Франција на Олимписките игри, а селекторот Бабиќ по осминафиналниот меч со Египет ја нарече „Свети Седми Играч“.

Червар знаеше за квалитетот на бековската линија и затоа акцентот го фрли на игра преку пикерите. Најголемиот товар го понесе Стојанче Стоилов и покажа дека имаме квалитет и на линијата од шест метри. Македонија најконкретно делуваше со Миркуловски и Лазаров во бековската линија, но добро играше и во моментите кога Филип Лазаров го менуваше Миркуловски во средина. Впечатокот од крилните позиции е дека можеа повеќе, играа со многу осцилации, а промашените зицери ја градеа разликата за противниците. Сè на сè одиграа доволно за место меѓу најдобрите 16 репрезентации.

Додека „јагнињата“ се жртвуваа на теренот во Франција, волкот ги чекаше своите пет минути.

Нај оспорувана одлука на Червар беше изборот на голманите. Прво ги избриша актуелните репрезентативни голмани, а потоа кон Франција отпатува со интересен избор. Дека мораше да се смени нешто на голот на Македонија беше повеќе од јасно. Сепак Червар немаше храброст да ги внесе меѓу сениорите двајцата голмани од младинската репрезентација, па во Франција заминавме со искусниот Колев и Трајковски.

Недостигаше сигурноста од чуварите на нашата мрежа во изминатите неколку години. Од СП 2015 -31% успешни одбрани, ЕП 2016- 27% успешни одбрани, до квалификациите за ОИ каде имаше очајни -25% успешност во одбраните, формата на репрезентативните голмани само тонеше. Затоа сега прашањето е зошто да не сме задоволни со 26% успешност на македонските чувари на мрежата, кои дел од головите не добија шанса да ги одбранат? Сега сме биле во друштво на Ангола, како во Катар да делевме место со Омејер (кој патем забележа 37% успешност во одбраните на тој турнир.)

Впечаток е дека македонската јавност е задоволна од пласманот. Кога е во прашање играта можеше повеќе, но од она добиеното по овој турнир секако дека не можеме да бидеме задоволни, бидејќи не добивме ништо. Затоа ќе се помириме со фактот дека немаме нови ѕвезди и предводници меѓу младинците и трпеливо ќе чекаме да се развиваат, созреваат или охрабрат.

Да започнеме да создаваме победници!

Велиме браво, Македонија се пласираше на младинско првенство, велиме браво Македонија е на кадетско првенство Б-дивизија, велиме браво младите добиле шанса да играат во својот клуб,  велиме браво и создаваме медиокритети.

Додека Манасков, Лазаров, Мојсоски, Димовски, Алушовски, Јовиќ, Котески… со своите клубови освојуваа првенства и знаеја колку е тешко да бидеш на врвот, новата генерација македонски ракометари се уште не ја почувствувала радоста по освоена титула, адреналинот по клучен натпревар, болката кога знаеш дека си бил толку блиску…

Следува Светското младинско првенство во Алжир. Оваа генерација талентирани ракометари ќе затвори едно релативно успешно поглавје, а Македонија никогаш не блесна на големите собири. Немаше услови, немаше квалитет, немаше среќа, немаше судии… Немаше мотив! Само вистински пристап, како што тоа најдобро го опиша македонскиот селектор за една друга репрезентација со заеднички сили, со победничка програма да се замине на нов мундијал и да се покаже дека можеме и пред се сакаме да се стремиме кон најдобрите.

Потребен е селектор кој знае што значи да бидеш победник. Без разлика дали неговото име ќе биде Лино Червар, Касим Каменица, Љубомир Савевски, или некој трет… Македонија мора да излезе од својата комфорна зона на медиокритет и конечно да започне да создава победници!