СТАВ: А кој беше крив?

Македонската младинска селекција учествуваше на уште едно големо натпреварување. Според официјалните податоци на ЕХФ ова било прво учество на Македонија кога во прашање е Европско првенство до 20 години… И тука треба да заврши оваа приказна, успешна бидејќи конечно младинците се дел од европската ракометна елита и успешна затоа што без никаква национална стратегија Македонија храбро се држеше против далеку поорганизирани национални федерации.

Ако досега знаевме за квалитетот на работа на данската и норвешката ракометна школа, сега ја запознавме и холандската која пред повеќе од пет години започна да ја следи визијата на една жена. Таа создаде модел на чии темели ќе се гради иднината на холандскиот ракомет. Можеби за многумина беа изненадување успесите на женската сениорска репрезентација на Холандија, но оние кои не ги следат површно состојбите во сите младински категории ја очекуваа експлозијата на оваа селекција можеби и една година порано. Машкиот ракомет почнува да го следи истиот модел, а колку ќе се покаже како успешен ќе сведочиме во наредните пет години.

Македонија пак, својата игра на ова ЕП ја базираше на онаа од најдобрата национална репрезентација. Без разлика дали некому му се допаѓала или не, време за менување на нешто кое постои речиси една деценија нема и секој експеримент скапо ќе нè чини. Селекторот Червар за Светското првенство ќе мора да направи неколку болни резови и токму на овој начин најлесно може да се преброди јазот кој ќе го создадат младите неискусни ракометари.

Не беше сè така црно во Данска. По групната фаза македонскиот голмански тандем се позиционираше во средината по својата успешност, а 25% одбранети удари е далеку подобро остварување од она со кое може да се пофалат сениорите последниве пет години. Проблемот беше бавната одбрана, односно брзата транзиција која скандинавските ракометари ја учат на првиот ракометен час. Кога во прашање е реализацијата, веројатно најмногу потфрли човекот кој ја одведе Македонија на ЕП во Данска. Очекувањата беа високи за Филип Кузмановски конечно да блесне меѓу своите врсници, а се случи спротивното. Затоа голгетерскиот товар го понесоа Талески и Нелоски што се покажа како недоволно за вистински резултат.

Македонија одигра во рамките на своите можности, до крајот на првенство може да покаже дека напредувала за неколку места од Европското кадетско првенство во Полска каде настапуваше речиси целата оваа фамозна генерација ракометари. Наместо младинците да ги мериме со сениорите, треба да ги споредиме со нивните врсници. Пред две сезони на Европското првенство во Полска тогашните кадети сега младинци завршија на претпоследната позиција. (Не)Успехот од самиот пласман беше засенет со откази и оценката на раководните лица на РФМ кои ги прогласија за неуспешни настапите на кадетските репрезентативци. И што направија да се подобри таа оценка? Доведоа в.д. селектор како бесплатно решение додека Металург не одлучи да ги превземе работите во свои раце. Започнаа со проект на државно ниво кој имаше одлична фасада, но стиропорот полека започна да попушта. Една од најгенијалните идеи кога во прашање е македонскиот спорт, секако се Спортските Академии. За жал идејата никогаш не доби соодветна реализација. Условите, храната, квалитетот на учениците-спортисти, салата во која тренираат се добра подлога за документарен филм, а да не одиме подалеку од Скопје! Сето тоа има свои последици неколку години подоцна. Затоа веројатно своите надежи ги полагаме на оваа генерација, на селекцијата на Металург, на капацитетот на тренерите од Автокоманда…

Но, македонските познавачи на ракометот и приликите во Македонија своето незадоволство од пласманот мораше да го сублимираат со дежурен кривец. Нормално, поттикнати од „надворешни“ фактори или гледајќи ги работите од своето експертско перо, секогаш како прв меѓу виновните го посочуваат селекторот, па и чекор понатаму селекторот на сениорите кој ја превзема работата во националната селекција пред неполни два месеци.

Како да се повторуваат истите натписи од пред две години. Координирани од својата ракометна самодоверба сиот „експертски“ гнев се насочи на напади и дискредитација на селекторот, на стручниот штаб, а од ова првенство и директно на координаторот Лино Червар…

Не, почитувани колеги „плукачи“, или како што љуби да нѐ нарече еден македонски репрезентативец, „дежурни хејтери“, виновници не смееме да бараме кај стручниот штаб ниту имаме основа за тоа.

Имате проблем со селекторот, а не се запрашавте кој го отпушти па повторно го постави на таа функција оваа година? Имате проблем со стручниот штаб, а замижувате пред фактот што сите младински репрезентативци се сегашни или поранешни ракометари на Металург, сите до еден! Кој подобро ги знае овие ракометари од луѓето кои работеле толку време со нив? Имате проблем со квалитетот на играта, а не го дискутирате квалитетот на ракометарите! Не велам да го споредите со останатите македонски ракометари, татини и мамини синови кои на нечиј грб го носат македонскиот дрес, туку споредете ги со репрезентациите кои нè надиграа.
Ако веќе сакате да барате вина во нечии редови, можете единствено да ја најдете во институцијата Ракометна Федерација на Македонија, куќата на која и е доверена грижата за ракометот изминативе 20 години. Тие ја кројат стратегијата за ракометната иднина тие се одговорни за сите успеси и неуспеси на ракометните надежи, па доколку решивте дека треба да има кривец зошто не ги обвините нив? Дали некој од вас ја прочитал националната стратегија за развој на ракометот во Македонија? Дали сметате дека се движиме на правиот пат, настрана работата на клубовите? И за крај, дали мислите дека ќе се пласиравме на Европско младинско првенство доколку не постоеше Металург?

Господо, иднината на македонскиот ракомет не може и не смее да биде само една генерација! Но тоа е нашата болка и нашиот проблем. Додека не ја погледнеме поголема слика, ќе им честитаме на полските, словенечките, хрватските колеги за своите успеси. Ќе наведнеме глава кога ќе нѐ прашаат зошто немаме своја репрезентација на некое големо натпреварување и ќе се надеваме дека некаде во Свети Николе ќе се роди нов ракометен гениј, или потајно ќе посакуваме Самсоненко да ни донесе некоја нова ракометна ѕвезда која ќе се заљуби во Македонија.

Сè уште бараме кривец?