СКАНДАЛОЗНО: Ракометарки во Данска играат за 1600 евра годишно?!

Екипата на Скандерборг две години не им плаќа осигирување на своите ракометарки. Според договорот до кој дојде телевизијата ТВ2 јасно може да се види дека ракометарките не се осигурани и доколку дојде до повреда тие се оставени сами на себе.

Јавноста во Данска се разбранува по откривањето дека екипата Скандерборг со тоа што не им плаќа осигурување на своите играчи има заштедено 60.000 евра за две сезони. Оваа афера можеби немаше да излезе во јавноста доколку не се дознаеше дека сите 14 ракометарки на тимот заработуваат идентично по 11.995 круни годишно што е околу 1600 евра.

Кога ќе направите пресметка, тогаш излегува дека ракометарките во една од најбогатите земји играат за 130 евра месечно?! Па може да се каже дека само се заобиколуваат законските прописи, а сепак играчите заработуваат повеќе. Сите договори во рамки на ракометната федерација на Данска кои се со годишна вредност од 12.000 круни треба да бидат регистрирани, со што ракометарките би биле вработени, а клубот би бил работодавач, па на тој износ ќе треба да плаќаат дополнителни 240 евра и даноци.

Во Скандерборг одлучиле на ракометарките да им плаќаат во 11.995 круни и да ги заобиколат правилата. Но тоа не е единствен приход на играчите, тие примаат и дневници кога играат на гостувања, а некои заработуваат и по 2400 евра како тренери на младински категории. Ваквото избегнување на плаќање даноци и кршење на прописите во Данска е невообичаено и сигурно ќе биде ригорозно казнето, а нема да чуди доколку екипата биде исфрлена од лигата.