СЕ СЕЌАВАТЕ ЛИ НА НЕГО: Каде е и што прави сега некогашниот вардарец Михаил Чипурин

Вистинските навивачи на Вардар сигурно ќе се сетат на името на борбениот руски кружен напаѓач, Михал Чипурин. Тој беше дел од тројката на руски репрезентативци (заедно со Тимур Дибиров и Алексеј Растворцев) кои дојдоа во сегашниот европски шампион во првата сезона, кога Сергеј Самсоненко стана главен финансиер во клубот. Можеби не беше меѓу лидерите и меѓу најефикасните, но секогаш кога играше го оставаше срцето на терен.

Неговата кариера почна во ЦСКА Москва, пред да замине во Чеховски Медведи, каде што помина дури 11 сезони. Во сезоната 2013/2014 се сели во Скопје и во два наврати заедно со тогашната екипа на Вардар остануваат без пласман на завршниот турнир во Келн. Прво се испречи Фленсбург за само еден гол, а следната сезона полскиот Келце беше подобар на двете средби. По две години во Скопје, следеше преселба во францускиот Иври, каде што исто така остана две сезони и потоа ја заврши кариерата.

„По заминувањето од Вардар и од Скопје заминав во францускиот Иври. Таму останав две сезони, но имав многу повреди и решив дека не можам да играм повеќе, морав да ја прекинам кариерата“, вели Чипурин за 24Ракомет на македонски јазик, кој не го заборавил ниту по четири години надвор од Македонија.

Високиот пивотмен откако реши да прекине со активното играње ракомет, се врати во татковината и остана да живее во Москва.

„Моменално работам во Ракометната федерација во Москва, како потпретседател. Се грижам за развојот на ракометот во училиштата во Москва, како и за подготовката на млади играчи од Спартак Москва, а сега истото ќе го правам и за ЦСКА Москва“, продолжува Чипурин.

И покрај тоа што не е активен играч, Русинот редовно ги следи настапите на Вардар во Лигата на шампионите.

„Редовно ја следам Лигата на шампионите и многу се радувам што Вардар стана европски шампион. Многу ми беше мило и заради Сергеј Самсоненко и за играчите меѓу кои имам многу големи другари што по втор пат го освоија трофејот во Келн“, завршува Чипурин во краткиот разговор за 24Ракомет.