Сеха: Вардар класа над Загреб

Во првиот полуфинален натпревар на Сеха Фајнл Фор турнирот во Нови Сад, Вардар го совлада Загреб со високи 22-30 и по трет пат ќе игра во финалето на Сеха лигата. Македонскиот шампион кој влезе како фаворит на овој натпревар го имаше водството во текот на целиот натпревар и не му дозволи на Загреб да направи изненадувањe. Хрватскиот шампион добро се држеше во  првите 12 минути од натпреварот, по што Вардар направи серија од 6-0 за  водство од 10-6 по 20 мин игра.Карачиќ беше лидер на Вардар во тој период постигнувајки голови во серија . До крајот на првото полувреме Загреб со серија од 4-0 успеа да се врати во игра и на полувреме да отиде со негатива од само 2 гола.

„Црвено-црните“ со нова серија од 4-0 го започнаа вториот дел, за враќање на своето највисоко воство од 6 голови разлика 16-10. Во тој период од натпреварот за првпат во игра влезе штотуку опоравениот од повреда Стипе Мандалиниќ кој со неколку голови во серија успеа да го врати Загреб на пристојна негатива од само 2 голови разлика 17-19. Но во продолжение на натпреварот  повторно да ја обнови повредата, по што мораше да го напушти паркетот.Тука како да запре и последната надеж за ракометарите на Загреб да пробаат да го свртат натпреварот во своја корист. Лука Раковиќ со неколку гола успеа да го врати Вардар на плус 5, за мирна завршница на Вардарци во која успеаа да ја зголемат разликата за конечни 22-30.

Најдобар поединец на овој натпревар а воедно и во екипата на Вардар беше Игор Карачиќ со 8 постигнати голови, додека Лука Раковиќ беше стрелец на 4. Страхиња Милиќ имаше 12 одбрани.

Во екипата на Загреб Вуглач постигна 6 гола, а Степанчиќ и Хорват 4 пати се запишаа во листата на стрелци.

Од 20:30 се игра второто полуфинале во кое играат екипите на Татран Прешов и Мешков Брест.