Седми трофеј за Целје во словенечкиот Супер куп

Ракометарите на Целје ја отворија сезоната со победа во Супер куп на Слоевнија откако на дуелот против Горење Велење триумфираа со 25:23.

Избраниците на Томаш Оцвирк го имаа водство во првото полувреме. Нивната предност постојано беше два гола, а во финишот на првиот дел со головите на Давид Разгор и Матиќ Грошељ имаа највисоки 13:9. Сепак, на одмор заминаа со 13:10. На стартот на вториот дел Целје поведе со 15:10, но играчите на Горење не се предаваа.

До 45. минута се приближија на само еден гол негатива 16:17, а во следните десетина минути од натпреварот сè беше отворено. Минималната предност Целје ја одржуваше сè до самиот финиш на натпреварот. Со два последователни гола на Хорзен и Маргуч, Целје отиде на 24:21 што беше доволно за седма титула во Супер купот на Словенија.

Предводник на победничкиот тим беше Јосип Шарац со шест погодоци, а во екипата на Горење најефикасен беше Алекс Кавчиќ со седум гола.

На крајот на натпреварот беа наградени и најдобрите поедници од минатата сезона. Вердинек го доби признанието за МВП и најдобар стрелец со 226 гола, а најдобар голман беше прогласен Емир Телетовиќ и двајцата од Горење Велење.