СЕДМЕРЕЦ : Ќе води или ќе си оди?

Дали на „просечна“ репрезентација за просечни резултати без иднина и треба скап врвен тренер? Па, не баш…

1.„Сикретот“ на Раул Гонзалес

Вујо изгледа сепак, бил во право кога во една од анализите на СП, напиша дека „Раул како едвај да чека се да се заврши…“. Одекна тоа прилично гласно, впрочем како и се друго кога Вујо мајсторе без многу заобиколување удира право „меѓу рогови“, неважно дали тоа се допаѓа некому или не. Ама, сепак, за многумина полесно беше да ја „архивираме“ забелешката, за да не испадне дека пак не искористиле и не шутнале.

И капитенот Кирил Лазаров во едно од интервјута пред СП ја начна темата и дилемата што ќе биде сега приоритет за Раул – ПСЖ или Македонија…И, тоа некако отиде под тепих. Немаше ни многу време. Селекторот дојде на 26 декември, помошникот дојде неколку дена пред тргнување за Минхен после „мастерот“ во Мадрид.

Македонија отиде подмладена на СП со надеж за втор круг и со сон за пласман во олимписките квалификации за Токио.

Две недели подоцна се разбистри сликата. Македонија се „зацементира“ на 15.место кое, нели беше неуспех и пред две години во Франција. Забележа три победи, сите против неевропските селекции (Јапонија, Бахреин и Чиле). Против европските противници (Шпанија, Хрватска, Исланд и Русија), не помина „сикрет тактиката“, како што ги викаше Раул Гонзалес фамозните „7 на 6“. Што, кога ќе видиш порационално, баш и не е некој „сикрет“ што може да го изненади Гудмундсон, уште помалку Лино Червар!

Вториот круг на СП остана неостварена цел, олимписките квалификации недостижен сон. Од кој овој пат се будиме можеби и малку порано.

На СП 2015 во Катар бевме 9-ти и малку разочарани оти две раце дававме во тоа пустината, убедени дека можевме многу повеќе.

На СП 2017 во Франција бевме 15-ти, и малку повеќе разочарани и “емотивно испразнети“ од најслабиот пласман на Македонија на СП дотогаш. Оти, нели, Лино Червар дојде за да „летаме“ повисоко, а не да тонеме по ниско.

На СП 2019 во Германија пак сме 15-ти, ептен многу разочарани оти со „ел команданте“ требаше да освојуваме победи, а не да одиграме колку заради редот и да чекаме што побрзо да заврши.

Со години од големите имиња слушаме дека Македонија има просечна репрезентација, а Македонците само прават преголема еуфорија. Така нека биде!

Ама, просечна репрезентација имаа и Ико на СП 2009 во Хрватска и Шундо на СП 2013 во Шпанија, па остварија подобар пласман, ако сакате така. На „патриотски“ погон, што би рекол Лазаров. Со многу поскромни услови под овие што ги обезбедува сега РФМ. И со многу повеќе критики од овие сега.

И после сè, на крај на денот некако спонтано се наметнува прашањето – Дали на „просечна“ репрезентација за просечни резултати и треба скап и врвен тренер? Па, не баш…

Па зошто тогаш да не бидеме „просечни“ со Шундовски, со Брестовац, со Алушовски, со Јовиќ, со Матлиевски, со Андоновски, со Бошковски, со Котевски…или со некој друг од нашите тренери, многупати неправилно потценети. Барем ќе имаме репрезентација на патриотски погон, конкуренција и реална надеж за новите генерации. И ако потфрлат, пак се тука и ќе го носат товарот. И сакале или не, тие сигурно ќе мислат и за сегашноста, но и за иднината. Таа е наша и нивна репрезентација, новите деца се резултат на нивната работа, а иднината на ракометот во Македонија е и нивната тренерска иднина.

2.Подмладување како „силовање“

Со сета почит за Раул Гонзалес, за неговата ракометна генијалност, за македонскиот јазик и за шампионската титула со Вардар, за онаа стара победа против Исланд во квалификациите, за Чешка и за Романија, па и за Словенија и бодот со Германија (од лани се разбира), сепак, разочарува неговата селекторска полу-посветеност од Вараждин до Келн.

Од последново СП сè уште не легнале работите, ама баш и нема нешто многу за голема пофалба. Не само што не отидовме напред, туку за жал, колку и да не сакаме да признаеме, се вративме назад, таму некаде во 1999.

Најдобрата македонска репрезентација прв пат по 20 години не ја помина првата фаза на големите натпреварувања. И тоа е факт. И е неуспех исто како и 15.место. Колку и да се обидуваме да го амортизираме сето тоа со „тешката група“ (тешка беше за сите), со новиот систем (ист е за сите), со она очајничко-лузерска утеха  „во што друго сме 15-ти во светот“, па „Македонија е сиромашна“, па „Словенија не ни играше на СП“… И со подмладувањето на репрезентацијата кое на крај излезе повеќе како „силовање“.

Признавам, јас бев една од оние што можеби и најмногу веруваа дека новата генерација ќе „процвета“ во вистински сјај под водство и со ракометната генијалност на „ел команданте“. Дека тој може и знае од секого да извлече максимум, смирено да ги нареди коцките и да го направи вистинскиот спој. Македoнија да има репрезентација и за иднина и посветен селектор на долги патеки.

Арно ама, лоша ми била проценката.

Во  Минхен излезе нешто сосема трето. Јавноста притискала за подмладување. Македонија премногу мислела на иднина?! А селекторот ако се прашува(л), повеќе жали што во составот ги нема Миркуловски (1983), Митков (1981), Јоноски (1980), па и Прибак (1984)…отколку што сакал или морал да ги земе Серафимов (2000),  Танкоски (1998), Крстевски (1996) или да прави лидери од Кузмановски (1996) и од Талески (1996)?!

Можеби младите не ја искористија најдобро шансата, и тоа држи донекаде. Посебно ако се извадат суви бројки кои велат дека и во подмладената македонска репрезентација, најдобри се најстарите – Кире и Борко пак го носат товарот и највисокиот процент за секој резултат.

Но, од друга страна, се запрашавме ли во изминативе петнаесетина дена дали младите добија вистинска шанса, дали тактиката беше тие да се инкорпорираат или да се дискредитираат?

Помалку чудна и дискутабилна беше одлуката на селекторот од сета младина, во централна улога за „сикрет стратегијата“ да го одбере Филип Лазаров, на кого најмалку му се простува ако „не клава голови“.  На дело изгледаше како знак на недоверба, недоволна воиграност и уште помалку волја тоа да се смени.

Или „хокеарската измена“ на „обезбеден пораз“ од Шпанија. Еве ви ги видете ги вашите таленти! Па тука Хансен и Сагосен не може да се покажат, а не пак децата од Металург и од Работник што прв пат излегуваат на сениорска сцена!

  1. Зборови и „говор тела“

Завршните прес-конференции на македонската репрезентација на големите натпреварувања, обично ги отвораат картите за „следната партија“. Така беше и во Албервил, така беше и во Вараждин, а еве како изгледа последната порака од селекторот од Келн:

„Каде ја гледате Македонија во иднина?“, прашаа македонските новинари.

„Ама, вие секогаш зборувате за иднина. На иднина не можеш да мислиш, туку треба да играш за денес, за утре…“, им рече Раул Гонзалес

„Што кога ќе си отиде Кире…?“

„Добро. Јас преферирам да не кажувам ништо“, вели Раул во дипломатски „Лино стил“. Тоа оди во пакет со „7 на 6“.

А, според „говор тела“, актуелен и во едно друго време во македонската репрезентација – кренати раменции и насмевка „вие мислете му ја, јас си ја обезбедив мојата иднина…“

„Можеме ли да очекуваме да бидете на клупата за дуелите со Исланд, за два месеци…“

„Не знам, не знам. Ќе видиме како ќе биде…“

Ај, баш да видиме.